Промовирани 20 книги од едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“
Во Македонскиот народен театар денеска беа промовирани нови 20 дела од проектот од едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“.
На промоцијата присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, заменик минисерот за култура Драган Недељковиќ и претставници од стручната редакција.
- Се работи за научни гранки каде многу малку имаме преведено на македонски јазик и студентите, професорите, научните работници, па и граѓаните што сакаат да прочитаат нешто од таа област најчесто беа упатувани тоа да го прават на други јазици, најчесто на јазиците на соседните држави. Сега прв пат се преведуваат едни од најзначајните дела во овие области. Тоа го збогатува книжевниот фонд во Македонија и научната мисла во овие три области, рече Груевски.
Преку проектот, според министерката Канческа - Милевска, македонската стручна јавност и студентите добиваат уникатна можност за користење на богатата продукција на дела, кои се создадени во рамките на научната дејност на најреномираните британски, американски и германски универзитети.
- Едицијата го афирмира македонскиот јазик и неговиот лингвистички потенцијал и овозможува тој да се вброи во семејството на високо-развиените јазици на современата цивилизација и на дело да ја покаже својата моќ и способност да ги пренесе и изрази најсложените идеи на светската наука и култура, истакна Канческа - Милевска.
Меѓу 20-те книги се дела на британски филозоф, математичар и општествен критичар Бертранд Расел, на американски логичар и филозоф Вилар ван Орман Квајн, на Лангшоу Остин, на Мирослав Хрох, Џејмс Еванс, Иво Бањац, Михајло Поповиќ, Норман Нејмарк, Рој Медведев и Ерик Хобсбаум,... Проектот опфаќа 366 книги.