Пресудата од Хаг во фокусот на средбите на министерот Попоски во Вилнус
Вчерашната пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Хаг во корист на Македонија, била во фокусот на денешните билатерални средби на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски на маргините од 18. Министерски состанок на ОБСЕ во Вилниус, Литванија.
- Средбите преставуваат одлична можност за размена на ставови и мислења меѓу земјите членки на ОБСЕ и државите – партнери на еден форум каде што владеењето на правото има исклучително значење и секако додадена вредност. Се надеваме дека ќе можеме и на овој форум да имаме една конструктивна атмосфера која ќе ни овозможи натамошно приближување на целиот регион во правец на европските и евроатлантските интеграции, рече Попоски.
Според него, пресудата во Хаг привлекла големо внимание во меѓународната јавност што се гледа и од реакциите за време на неговите билатерални средби и контакти на маргините од форумот во Вилнус
- Сите се информирани. Очигледно е дека оваа информација има привлечено големо внимание како и сите пресуди на Меѓународниот суд на правдата, бидејќи најчесто имаат глобални импликации и се следени во сите главни градови во светот. Тоа што преовладува како впечаток е дека се нуди можност владеењето на правото во меѓународен контекст да биде афирмирано и да овозможиме тоа да се реализира преку имплементација на тоа што е договорна рамка во нашите односи, рече Попоски.
Средбата со грчкиот министер за надворешни работи Ставрос Димас најавена за поладнево, пак, е прва можност да поразговара со колегата и да ги пренесе пораките што беа упатени вчера по добивањето на пресудата во Хаг.
- Мислем дека имаме одлична можност да пристапиме кон еден конструктивен став од двете страни. Тоа што вчера ни е пружено со пресудата во Хаг треба да се искористи и треба да се види како една добра можност за афирмирање и поставување на еден позитивен став кон владеење на правото во меѓународен контекст, посочи Попоски.
Осврнувајќи се на денешната министерска конференцја на ОБСЕ во проширен состав, тој рече дека била фокусирана на теми поврзани со стратешките одредници на организацијата од аспект на географското окружување односно безбедносните предизвици во јужниот Медитеран, можното вклучување на земји од азискиот континент и на Монголија која изрази желба за приклучување на овој форум. Вторио дел од дебатата, додаде, бил посветен на стратешките предизвици во однос на владеењето на правото, човековите права, развојот на демократските процеси и изборните циклуси кои се случија во многу земји – члнки на ОБСЕ.
Министерот Попоски имаше обраќање на денешната пленарна седница на 18. Министерски состанок на ОБСЕ. Оствари билатерални средби со турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу, со министерот за европски прашања на Франција Жан Лионети, а според агендата која постојано се надополнува воод, се предвидени и разговори со домаќинот на форумот литванскиот министер за надворешни работи Аудрониус Ажубалис, како и со шефовите на дипломатиите на Естонија Урмас Пает, на Летонија Едгарс Ринкевичс и на Бугарија Николај Младенов.
Како што е најавено од земјата домаќин и актуелен претседавач на ОБСЕ, главни теми за дискусија на форумот ќе бидат Евроатлантската и евроазиската безбедност како и слободата на медиумите.
Се очекува на дводневниот форум да бидат усвоени заклучоци во однос на решавањето на конфликтите, транснационалните закани, слободата на медиумите и зајакнување на ангажманот на ОБСЕ во земјите партнери од Медитеранот и во Авганистан,
На состанокот учествуваат над 60 шефови на дипломатии и високи претставници од 56 земји членки на ОБСЕ, претставници од 12 земји-партнери на организацијата, како и од межународни и од регионални организации. . Меѓу учесниците се и американскиот државен секретар Хилари Клинтон, шефот на дипломатијатијата на Русија Сергеј Лавров и високиот претставни за надворешна политика и безбедност на ЕУ Кетрин Ештон.
Министерскиот совет на ОБСЕ се состанува еднаш годишно и тој е централно одлучувачко и владеачко тело на организацијата. Литванија го презеде претседавањето од Казахстан, а од јануари, следната година таа функција ќе ја преземе Република Ирска.