Педијатриски пункт во Поликлиниката „Јане Сандански“
На 9 јануари ќе почне со работа педијатриски пункт во Поликлиниката „Јане Сандански“ во населбата Аеродром со цел зголемување на достапноста на педијатриските здравствени услуги во кој било дел од денот. Пунктот ќе работи секој ден од 19:30 до 23 часот, а во недела од 8 до 23 часот и ќе бидат ангажирани околу 70 доктори педијатри и 70 медицински сестри.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека се одлучиле за овој проект затоа што во текот на вечерните часови од 19:30 часот до 23 часот, како и за време на викендите особено во недела од 8 часот изутрина до 23 часот има поголем број пациенти педијатриски случаи на Клиниката за детски болести во Скопје и на Институтот по белодробни заболувања кај децата-Козле.
Посочи дека докторите кои работат на Детската клиника многу често се соочуваат со поголем број полесни случаи и како резултат на тоа не можат да се фокусираат на сериозните случаи кои доаѓаат во таа јавна здравствена установа.
- Нема да биде потребен упат за добивање на услугите во пунктот што значи дека ќе се намали времето на чекање. На овој начин ќе ја растеретиме Детската клиника во која навечер доаѓаат и по 100 пациенти, дел од кои се само амбулантски прегледи и може многу лесно да биде дадена здравствена услуга и во вакви здравствени пунктови. Во пунктот ќе работат педијатри од Детската клиника, Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле, Здравствен дом Скопје, како и педијатри кои имаат договор со ФЗОМ како приватни здравствен установи, потенцира Тодоров.
Појасни дека во пунктот ќе има и лабораторија во која ќе работат лаборанти од Универзитетската клиника за биохемија.
- Оние граѓани кои живеат во населбите Карпош, Центар, Ѓорче Петров ќе може се уште да ги добиваат услугите и во Институтот по белодробни заболувања кај децата-Козле, како и на Детската клиника, рече Тодоров и додаде дека прават напори да отворат уште најмалку еден ваков пункт во Скопје, кога ќе се обезбедат сите услови од аспект на кадар, опрема и простор.
Директорката на Клиниката за детски болести Аспазија Софијанова рече дека навечер во периодот од 20 часот до 8 часот изутрина имаат по 100 деца на преглед.
- Отворањето на педијатрискиот пункт ќе биде од извонредно значење за Клиниката која треба да се концентрира на клучни проекти кои ги почнавме минатата година, а ќе значат терциерно згрижување за децата, посочи Софијанова.
Директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ истакна дека во сите осум дежурни пунктови во рамки на ЗД Скопје се направени ординации кои даваат здравствена заштита само на деца и токму во една од нив ќе биде сместен и педијатрискиот пункт.