Оглас за организациски директори во триесетина јавни здравствени установи
Триесетина јавни здравствени установи ќе добијат организациски директори. Огласот за пополнување на овие работни места е објавен денеска и ќе трае до 21 јануари.
Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев денеска изјави дека на огласот може да се пријават сите оние кои сметаат дека имаат соодветни квалификации, образование и визија за реализација на владините политики во делот на здравството.
- На огласот може да конкурираат сите оние кои се државјани на Република Македонија, имаат завршено високо образование од областа на економијата, финансиите и правото и имаат петгодишно работно искуство во областа на менаџментот, економијата и јавниот здравствен менаџмент, истакна Ѓорѓиев.
Во рок од шест месеци, доколку бидат избрани, кандидатите ќе треба да поднесат и сертификат за познавање на англискиот јазик којшто е меѓународно признат.
Ѓорѓиев појасни дека првиот мотив за објавување на ваков оглас е да им се даде можност на што поголем број лица да се стекнат со правото да аплицираат и со своите вештини и знаења да придонесат во реализација на реформите во здравствениот сектор.
- Дел од овие позиции веќе беа објавени во рамките на претходните огласи коишто ги распишуваше Владата или Министерството за здравство и врз основа на тие огласи оценивме дека кандидатите кои аплицираа за извршување на овие позиции не покажаа соодветен квалитет и оти од тој корпус кандидати не е добро да биде избрано определно лице да ја извршува функцијата организациски директор. Ова покажува дека овие јавни повици кои ги објавуваме за разни раководни функции не ги објавуваме како про форма, туку на нив да се пријават најквалитетните и најспособните кадри, нагласи Ѓорѓиев.
Тој додаде дека позицијата организациски директор е важна функција бидејќи лицето раководи со процесот на трудот, го води работењето на јавната здравствена установа, се грижи за материјално-финансиското работење, за реализација на проектот „Мој термин“ и за воведувањето на менаџмент принципите во работењето.
- Тој е еднаков по своите права и обврски со медицинскиот директор. Тој не е подреден на него туку двајцата соработуваат и еднакви одговорности, нагласи Ѓорѓиев.
Организацискиот директор не е нова функција што се воведува туку се работи за истата позиција што во јавноста е позната како економски директор на јавни здравствени установи.
Огласот се однесува на организациски директори на Универзитетски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“ и на универзитетските клиники за пулмологија и алергологија, за пластична и реконструктивна хирургија, за психијатрија, за радиологија, за инфективни болести и фебрилни состојби, за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентениот центар (ТОАРИЛУЦ).
Ќе се пополнуваат и местата за организациски директор на универзитетските клиники за дерматологија, за клиничка биохемија, за хирургија на лице, вилица и врат-Максилофацијална хирургија, за нефрологија, за торакална и васкуларна хирургија, за ендокринологија,дијабетес и метаболични нарушувања, за дигестивна хирургија, за токсикологија, за детска хирургија, за гастроенетерохепатологија, за уво,нос и грло, за хематологија, за неврохирургија, за гинекологија и акушерство, за урологија, за неврологија, за онкологија и на универзитетските клиники за радиотерапија и за очни болести. Покрај ова, оглас е распишан и за Клиничката болница – Штип, Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, Клиничката болница „Др. Трифун Пановски“ од Битола и Клиничката болница Тетово.