Промовирана публикацијата „100 најголеми“ во регионот од Куманово до Охрид
Стопанската комора на Северозападна Македонија организираше деловен појадок на кој беше промовирана публикацијата „100 најголеми“, во која се опфатени најуспешните компании во регионот од Куманово до Охрид, кои во текот на 2010 година покажале најпозитивни резултати во своето работење.
Министерството за економија соопшти дека на промоцијата присуствуваше ресорниот министер Ваљон Сарачини, а на која 10 најуспешни компании добија посебни признанија.
Според Сарачини оваа иницијатива ќе придонесе да се добие слика за еден економски важен регион, преку позиционирањето на 100-те најголеми претпријатија, кои пак, од друга страна ќе бидат поттик за оние другите, во некоја наредна година да достигнат поголеми резултати, да успеат да се позиционираат што повисоко. - Најуспешните 10, пак, ќе добијат уште една потврда за своите деловни успеси и ќе претставуваат пример како во нетолку лесни времиња, со многу негативни влијанија кои доаѓаат од светската економска сцена, успеале да достигнат високи резултати во своето работење. И, секако, ова за мене ќе претставува уште една можност да го слушнам гласот на претприемачите, бидејќи вие сте двигатели на економијата на Република Македонија, истакна Сарачини.
Осврнувајќи се на дел од мерките кои Владата ги креира за поддршка на претприемништвото, како начин на размислување и процес на создавање и развивање на економски активности преку комбинирање на ризик, креативност и иновативност, министерот Сарачини ги повика бизнисмените на што помасовно користење на активните владини програми за самовработување и за вработување со грант, или кредитирање, како што е новата кредитна линија од Европската Инвестициска Банка во вкупен износ од 150 милиони евра по повластена каматна стапка од 5,5 отсто годишно. Имено, првите 50 милиони евра се веќе одобрени од страна на Европската Банка и ќе бидат во функција пред крајот на оваа година, а имплементатор на оваа активност е Македонската банка за поддршка на развојот.
Министерот за економија се осврна и на неколкуте конкретни проекти за поддршка на извозот на МСП, како владин приоритет во наредните четири години, и тоа: Проектот “Учиме за извоз” – субвенционирање на консултантските услуги за поттикнување на извозните активности, Проектот “Влез на нови пазари“ – кофинансирање во износ до 5.000 евра за изработка на студии за влез на нови пазари, Проектот “Виртуелен саем“ – електронско претставување на македонските извозни компании и Проектот „Македонско сонценце“ – ќе се овозможи најголемиот број на меѓународно барани сертификати да се издаваат во Македонија, како и мерките предвидени во годишните програми за поддршка на конкуретноста на МСП, кои се во директна надлежност на Министерството за економија.