Службен Глас #1

Отвори во прелистувач   |   „Службен глас“ на албански

Службен глас #1 

Почитувани колеги,

Овој билтен е дел од стратегијата за внатрешни комуникации на Владата на Република Северна Македонија. Основната цел на внатрешните комуникации е информирање на вработените и нивно ангажирање со цел зголемување на нивните резултати, мотивација и благосостојба.

Наш стремеж е „Службен глас“ да стане автентичен глас на службеникот.

Со почит,
Сектор за односи со јавноста
Влада на Република Северна Македонија

Успехот на секоја организација е во нејзините вработени. Ова е особено точно за владините институции бидејќи испораката на државните политики многу зависи од мотивираноста на јавните службеници, кои пак се одговорни за испорака на информации и сервиси до граѓаните.

Ние служиме!

Сите ние кои сме дел од јавниот сектор имаме обврска да комуницираме отворено и да бидеме еднакво блиску со сите граѓани. Нашата услуга треба да биде навремена и со еднаков квалитет до секој човек, до секоја заедница. Оваа внатрешна комуникација нека биде можност за дополнителна мотивација во обезбедувањето на јавниот интерес.

Подобра работна култура!

Со воведувањето на овој нов канал за внатрешната комуникација и за внатрешното споделување на информации и знаења, сакаме да ја подобриме работната култура во јавната администрација. Важно е да постигнеме заедничка средина во која секој службеник ги знае и ги споделува зацртаните вредности, ги разбира политиките и посветено работи на заедничката мисија. Само така максимално ќе ги искористиме нашите капацитети, со цел подобро да им служиме на граѓаните.

Отворената комуникација ќе ни донесе искреност, критика, пофалби и подобрување на нашата работа. Овие нови комуникациски алатки се нова можност да се запознаат службеникот и претпоставениот, да се зголеми довербата меѓу вработените и да создадеме нови идеи за социјализација со граѓаните и меѓу вработените.

Конечно, гласот на службеникот е многу важен, тој глас може и треба да влијае врз политиките.

Ви посакувам добредојде на Службен глас!


Зоран Заев,
Претседател на Владата на Република Северна Македонија

Во време на дигитални, брзи и софистицирани комуникации, особено е важно да знаеме да си ги заштитиме уредите преку кои комуницираме, а со тоа и да се заштитиме себеси од електронски измами, напади или манипулации.

Следете ги следниве препораки за да бидете дигитално безбедни:

1. Поставете лозинка за заклучување и отклучување на вашиот компјутер/лаптоп/смарт телефон и заклучувајте го секогаш кога ќе се оддалечите од уредот.

За заклучување на компјутерот, притиснете го истовремено WIN + L. Лозинка на вашиот Windows компјутер може да се подеси во Settings > Accounts > Sign-in options > Password.

 

2. Менувајте ги лозинките на вашите профили/е-пошти на секои шест месеци.

Вашите лозинки мора да содржат мали и големи букви, бројки и најмалку еден специјален карактер (@#$%^&*). Променете ја сега Вашата лозинка согласно дадените насоки.

 

3. Посетувајте само сигурни и заштитени веб-страни.

Заштитените веб-страни можете лесно да ги препознаете доколку имаат „https://“ пред името на домејнот и икона на катанче веднаш десно во навигациската лента.

 

4. Активирајте двостепена заштита (2-factor-authentication) на сите ваши профили.

За Google посетете ја оваа веб-страница [https://myaccount.google.com/security и кликнете на „2-step verification“.

 

5. Внимавајте на онлајн измами.

Измамите чести се кријат во е-поштата, особено кога Ви се бара да кликнете на некој линк или да ја внесете вашата лозинка или кредитна картичка.

 

6. Никогаш не издавајте доверливи информации на е-пошти кои не ви се познати.

Секогаш осигурајте со кого комуницирате пред да ја испратите Вашата електронска порака.

 

7. Бидете внимателни со употребата на кредитни картички на интернет.

Секогаш користете сервиси кои се познати, добро истражете пред да ги внесете податоците на Вашата кредитна картичка.

 

Доколку забележите нешто невообичаено и сомнително, пријавете кај Вашиот претпоставен и во секторот за ИТ во Вашата институција, а ако е потребно и до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во МВР или за итни случаеви на cybercrime@moi.gov.mk.

Во овој прв број на „Службен глас“ го имаме задоволството малку подобро да ја запознаеме нашата колешка, Митра Спасовска. Г-ѓа Митра е Државен советник за координација на организирање на седници на влада, веќе 40 години посветено работи во Владата на Република Северна Македонија. Сопруга е, мајка на два сина и баба на тројца внуци, за кои вели дека се нејзиното хоби - „Со нив го поминувам секој слободен миг“, ни кажа со насмевка г-ѓа Митра. Ѝ благодариме што со ведрина се согласи да го направи ова интервју.

Зошто станавте дел од тимот на државните институции, што ве мотивираше? Како започнавте и како се развиваше Вашата кариера? 


По дипломирањето на Економскиот факултет во Скопје во 1980 година се вработив во тогашниот Извршен совет на Република Македонија како приправник. Во Владата на Република Северна Македонија до денес минав низ сите скалила во кариерата како државен, односно административен службеник, и денес сум државен советник одговорен за организација на седниците на Владата. Да се биде дел од тимот на оваа институција за мене отсекогаш беше предизвик и голема чест и задоволство, што беше основен мотив да станам дел од тимот на оваа државна институција и целиот работен век да го поминам како професионалец.

Што е тоа што Вашата работа ја прави задоволство и како е таа важна?


Природата на мојата работа отсекогаш е од една страна да работам со високи државни функционери, а од друга да соработувам со сите државни и јавни службеници во земјата, кои често ми се обраќаат за помош и информации, но голем дел од нив никогаш не ме виделе, но ме препознаваат по мојот глас. Ова за мене не е само обврска, туку и задоволство, бидејќи чувствувам дека со тоа им давам голема помош и поддршка, која дава големи резултати. Голема помош ми е тимот на соработници на кои секојдневно им ги пренесувам моите добри практики и искуства, и на мое големо задоволство тие секојдневно стануваат сѐ поподготвени да одговорат на поставените задачи. Со мојата стручност и отвореност за комуникација отсекогаш ми беше задоволство да придонесам во решавање на многу предизвици во работењето. Тоа го постигнував преку примена на научената лекција дека секогаш мора да се грижиме работите да се завршат до крај, сѐ додека не се постигне крајната цел. Никогаш не треба да се каже дека до тука е мојата надлежност и обврска и дека потоа не ме интересира што ќе се случи. Ова би сакала како искуство да го применуваат помладите генерации кои доаѓаат.

Раскажете ни еден Ваш вообичаен работен ден?


Подготовките за наредниот работен ден почнуваат во вечерните часови на претходниот ден кога ги читам материјалите за седниците. На работното место сум во 8:00 часот, и тогаш кога сме работеле до раните утрински часови. Често, доколку имаме итни работи, уште додека патувам до работа, телефонски се јавувам на вработените да им ги пренесам итните задачи, со цел штом ќе стигнат на работното место веднаш да започнат со потребните активности. Потоа почнуваат моите редовни активности, како проверка на редовната пошта и подготвените акти кои се во голем обем, се јавувам на сите телефонски или електронски и давам конкретни насоки. Потоа заедно со соработниците присуствувам на седниците на комисиите и Владата, по чие завршување започнува нашата работа во подготовката на заклучоците и други акти, како и нивното одобрување и доставување до засегнатите страни.

Претставете ни го Вашиот тим? Како тимската работа се одразува на работењето?


Имам солиден тим на соработници кои многу ми помагаат во работењето. Тоа се воглавно млади луѓе, спремни за работа и одговорни во извршувањето на работните задачи, кои го следат мојот пример. Тимската работа е најзначајна за успех во работењето. Воспоставувањето на оваа пракса е најтешката задача на секој раководител. Поделбите по било кој основ неповолно влијаат на тимската работа. Нивното елиминирање бара многу умешност од раководителот. Јас со тоа успешно се справувам, а доказ за тоа се резултатите.
 

Што сакате да подобрите во Вашето работење и како се справувате со предизвиците на Вашата работа? 


Отсекогаш се залагам сите вработени во секторот да размислуваат како да го подобриме работењето. Давањето нови идеи секогаш сум го ценела. Главните насоки во подобрувањето на работењето ценам дека треба да бидат насочени кон подобрување на системската поддршка, зајакнување на тимската работа, одговорноста, отчетноста и транспарентноста. За мене не постои проблем во работењето кој не може да се надмине. Тајната на мојот успех да се најдат одговори и на најкомплицираните прашања е: смиреноста, искреноста и отвореноста, надополнети со долгогодишното искуство.

5 работи поради кои ја сакате Вашата работа?


  1. Честа и задоволството да се работи во важна државна институција;

  2. Постигнување видливи резултати корисни за целата земја;

  3. Можност за соработка со целиот јавен сектор;

  4. Можност за професионално усовршување и кариера; и 

  5. Градење углед во општеството.

Почитувани колеги,

Основната цел на Владата на Република Северна Македонија е да работи во служба на граѓаните.

Вие како претставници на институциите треба да бидете запознаени со визијата, целите и приоритетите на Владата и останатите институции, за да може да придонесете за остварување на истите. Со тоа ќе може заедно гордо да се исправиме пред еден од најголемите предизвици - задоволни граѓани и враќање на довербата во институциите.

Интерните комуникации се важни за размена на информации меѓу членовите на една организација или институција со цел да се креира транспарентна и ефективна работна средина.

Согласно концептот ОТВОРЕНА ВЛАДА - тајното го направивме јавно и овозможивме полесен пристап до информации. Секојдневно се објавуваат сетови информации на веб-страниците на институциите, а вие треба да бидете информирани за сѐ што е од интерес на граѓаните.

Билтенот за внатрешни комуникации ќе ви овозможи точно и навремено информирање за теми од ваш интерес со цел подобро да си ја извршувате вашата работа. Истовремено ќе можете да се спротивставите на дезинформациите и лажните вести кои сѐ повеќе го контаминираат интернетот и медиумскиот простор. Безбедносните мерки од Акцискиот план за борба против дезинформации и напади врз демократијата ќе ви помогнат да се заштитите и да се справите со опасностите од ова модерно зло.

Како што тимската работа придонесува за зголемување на ефикасноста и ефективноста во работењето, заедничките внатрешни комуникации придонесуваат за запознавање со достигнувањата, предизвиците и целите, и подигнување на нивото на културата на работа. Без разлика на функцијата, сите ние сме посветени на потребите на граѓаните.

За крај сакам на сите да ви се заблагодарам за трудот и да ве охрабрам да останете посветени на градење фер и демократско општество, со отворени институции како сервис на граѓаните.

Владата на Република Северна Македонија подеднаков се грижи за сите свои вработени, затоа очекува предлози за теми од ваш интерес во следниот билтен.


Роберт Поповски,
Министер без ресор во Владата на Република Северна Македонија, задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност

 
Website
Facebook
Instagram
Twitter
Flickr
YouTube
Email
Овој билтен е дел од стратегијата за внатрешни комуникации на Владата на Република Северна Македонија. Истиот е изработен во соработка со Британската амбасада во Македонија и тимот за комуникации на британската влада.