Почнува проектот бесплатен туристички викенд за пензионерите
Од 15 јануари до 16 февруари сите заинтересирани корисници на пензија ќе можат да аплицираат за користење бесплатен туристички викенд во Струга, Охрид, Дојран, Крушево, Охрид и Берово.
Во рамки на бесплатниот викенд се обезбедени два полни пансиони - две ноќевања со три оброка дневно, од петок до недела, а обезбеден е и автобуски превоз до хотелскиот објект.
Со проектот е планирано да се опфатат до 3.000 корисници на пензија, и тоа на старосна, инвалидска и семејна пензија и вклучува услуга која може да се користи еднаш, во период од април до ноември годинава.
Барањата пензионерите ќе ги поднесуваат до подрачната единица на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, според местото на живеење на корисникот на пензија.
- Третото доба е период од животот, кога треба да постои сигурност на повозрасните лица и квалитетно живеење. Години наназад како ресорно Министерство ја покажавме нашата грижа за овие лица низ програмски документи, но и низ конкретни проекти и иницијативи на повеќе нивоа, кои овозможија пред сè материјална и финансиска сигурност на оваа категорија на граѓани, како и активности во насока на квалитетен и исполнет социјален живот, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на денешната прес-конференција на која беше најавен почетокот на проектот.
При рангирањето на поднесените барања, приоритет ќе биде даден на пензионерите коишто имаат понизок износ на пензии, лицата кои се подолго време во пензија, пензионерите кои пред пензионирањето работеле во рудници со подземен ископ, и на пензионерите кои се корисници на инвалидска пензија со утврден повисок процент на инвалидност, односно над 80 проценти, лицата корисници на право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност и додаток за слепило.
Спасов појасни дека распределбата на бодовите на подносителите на барањата за користење на оваа услуга ќе биде од 1 до 100 и тоа до 50 бода ќе се добива во зависност од висината на пензијата, односно повеќе бодови за помала пензија, до 30 бода во зависност од времетраење на користење на пензијата и должината на пензискиот стаж до остварувањето на правото на пензија, 10 бода за корисници на пензија кој пензијата ја оствариле како работници во рудници во подземен ископ со стаж на осигурување со зголемено траење и 10 бода за корисници на пензија коишто користат помош и нега од друго лице, додаток за мобилност или слепило и лица коишто имаат инвалидност над 80 проценти.
Ллицата–корисници на пензија коишто во 2014 година добиле право да ги користат услугите од проектот Бањско климатска рекреација годинава нема да можат да ја користат услугата “Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија за 2015 година”.
Граѓаните повеќе информации за проектот може да најдат во јавниот повик кој ќе биде објавен во медиумите на 15 јануари 2015 година, на веб страната на Министерството за труд и социјална политика и на страната на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.
Оваа година услугата ќе може да ја користат до 3.000 корисници на пензија во пролетниот и есенскиот период, при што за реализацијата на овој проект се обезбедени 10.760.000 денари. Овој проект, нагласи Спасов значи и дополнителна поддршка на туристичките центри и капацитети во Република Македонија, и истиот ќе придонесе во нивниот понатамошен развој.
- Со поддршка на Сојузот на здруженија на пензионери верувам дека ќе овозможиме квалитетно поминато време за многу пензионери, бидејќи бенефитот од овој проект е пред сè наменет за нивното здравје и социјализација. Очекувам дека 2015 година ќе биде година во која уште повеќе заеднички ќе се вложиме за достоинствена старост на нашите сограѓани”, рече министерот за труд и социјална политика.
На промоцијата на почетокот на проектот присуствуваа и директорот на Фондот на пензиско и инвалидското осигурување на Македонија Амет Даути и претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Драги Аргировски.