Премиерот Груевски се обрати на самитот „Партнерство 2015“ во Џајпур
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денес (четврток, 15 јануари 2015 година) учествуваше на самитот “Партнерство 2015” кој се одржа во градот Џајпур, Република Индија.
Интернационалниот економски самит “Партнерство 2015”, чија главна тема е продлабочување на економската соработка и остварување на партнерства за нови релации, се одржува во организација на Конфедерацијата на индиската индустрија која е најголемата стопанска комора која ги обединува најголемите компании во Индија, владата на индиската држава Раџастан, како и индиското Министерство за економија и промоција. Овој самит се одржува од 1995-та година, а оваа година учествуваат економски делегации од вкупно 51 држава, како и претставници на меѓународни компании.
На отворањето на самитот свое обраќање имаше претседателот на македонската Влада Никола Груевски, кој се задржа на пријателските односи со Република Индија, како и потенцијалите за соработка особено во сферата на економијата како поле на заеднички интерес.
Економските и политичките односи бележат нагорен тренд, особено по интензивната размена на посети на високо и највисоко ниво, како што е и оваа посета од наша страна, но и средбата која ја имав пред четири дена со премиерот на Република Индија, при што забележливо е дека со г-динот Моди имаме иста стратешка цел и фокус, тоа се економијата, инвестициите, новите работни места, подобрата бизнис клима, подобриот живот на луѓето, изјави Груевски.
Премиерот Груевски ги претстави достигнувањата во сферата на економијата и во останатите области. Toj истакна дека Македонија е земја со најниски трошоци за правење бизнис во Европа.
Се воведоа најниски даноци, рамен и низок данок, персоналниот данок и данокот на добивка е 10%, се намали ДДВ-то за повеќе сектори од 18% на 5%, имаме најконкурентни енергетски и логистички трошоци, со што Македонија нуди најниски трошоци за правење бизнис во Европа, истакна Груевски.
Премиерот Груевски изјави дека се вложува и во останатите области кои се поврзани со економијата и кои значително го подобруваат животот на граѓаните.
Македонија има одлична инфраструктура, но се гради уште. Се градат три автопати, железница кон Бугарија, а ќе се гради и гасоводна мрежа низ Македонија опфаќајќи ја целата територија. Има и други проекти за регионални и локални патишта. Растот во економијата се базира на три столба. Градежништвото е еден од трите столба на растот на економијата, вториот столб е силен раст на извозот и странските инвестиции, а третиот столб е потрошувачката, истакна Груевски во своето обраќање.
Премиерот ги покани индиските компании да направат анализа и да ја посетат Македонија и да се уверат во широкиот спектар на можности кој се нуди за економска соработка.
Претседателот на Конфедерацијата на индиската индустрија која е еден од организаторите на самитот, г-дин Бенерџи Чандрајит посочи дека треба да се искористи развојот на Индија.
Растот на бруто домашниот производ на Индија во последниот квартал е 5.7%, а производството се зголемува за 5% во последните две години. Повеќето аналитичари очекуваат дека во наредните две години Индија ќе биде една од најбрзорастечките економии во светот со раст од 7% , изјави Чандрајит.
Инаку Конфедерацијата на индиската индустрија е најголемата стопанска комора во Индија која обединува 7200 членови и над 100 000 индиректни членови компании. Оваа Конфедерација функционира од 1895 година и е еден од клучните фактори за креирање на економскиот раст на Индија.
Премиерката на индиската држава Раџастан, г-ѓа Васундара Раје, во своето излагање на самитот истакна дека партнерствата се добар модел за остварување на напредок.
Вистинскиот развој е можен само преку остварување на партнерства меѓу владите, бизнисмените и граѓанскиот сектор. Раџастан нуди неограничени можности за остварување на партнерства. Ова е голема држава, посочи премиерката Раје.
Раџастан има популација од 68.5 милиони жители и е по површина најголемата индиска држава, која има позитивен економски напредок. Главно е развиена цементната и минерална индустрија, текстилната индустрија, туризмот и земјоделското производство.
На маргините на самитот, премиерот Груевски оствари средба со премиерката на Раџастан Раје со која разговараа за можностите за економска соработка и искористување на економските потенцијали на двете држави, во духот на унапредување на односите меѓу Индија и Македонија.