Македонија заинтересирана за брзата железница од Пиреја до Будимпешта
Македонија е заинтересирана да биде дел од проектот за изградба на пругата од пристаништето во Пиреја до Будимпешта.
Ова го истакна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на денешната средба со кинеската делегација предводена од заменикот министер за национален развој и комисија за реформи Ксу Ксианпинг, заменик генералниот директор на кинеската железничка корпорација, Хуанг Мин и потпретседателот на кинеската Ексим банка, Сун Пинг.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот Пешевски, двете страни изразиле согласност да биде изработена физибилити студија за трасата каде би поминувала пругата и за цената на проектот по што би следувала втората фаза која би се однесува на утврдување на моделите за финансирање на проектот.
Вицепремиерот Пешевски посочил дека овој проект е од огромно значење за Македонија бидејќи ќе се поттикне економски раст и ќе се отворат голем број нови вработувања, а Македонија ќе стане еден од главните транспортни коридори во Европа.
Двете страни ја нагласиле важноста на проектот за изградба на брза железница, нагласувајќи дека тоа ќе придонесе за развој на целиот регион, ќе помогне да се поврзат подобро сите земји и да се олесни трговијата и транспортот.