Премиерот Груевски се сретна со претставници на компаниите Вајбер и Ракутен
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (понеделник, 19 јануари 2015 година) оствари средба со извршниот директор на компанијата Вајбер, г-дин Талмон Марко, директорот за технолошки развој на компанијата Вајбер, г-дин Игал Магазник и г-дин Хирато Шинатро од компанијата за он-лајн трговија Ракутен.
Соговорниците разговараа на повеќе теми од сферата на информатичките технологии, глобалните текови и економските движења, можноста за соработка и бизнис климата која се развива за инвестирање во оваа значајна индустрија.
Соговорниците истакнаа дека развојот на информатичките технологии влијае врз севкупниот економски развој на општеството и државата, и е непосредно поврзан со развојот на останатите сфери од индустријата.
Премиерот Никола Груевски ги информираше своите соговорници за досега преземените мерки и реформи кои се во сферата на ИТ секторот, како и инвестициите кои се реализирани во тој правец. Посочи дека се спроведе проектот компјутер за секое дете со што се влијаеше за зголемување на степенот на користење на компјутери и интернет и подобрување на информатичко-технолошките вештини на учениците. Тој истакна дека Владата организира бесплатни обуки за секој во државата кој сака да користи компјутери и тоа значително влијаеше на зголемување на процентот на информатичката писменост, што пак придонесува за зголемување на компетитивноста на работната сила.
Премиерот истакна дека освен тоа што Македонија има факултети за информатички технологии и се вложува за нивно осовременување, се отвори и нов посебен универзитет за информатички технологии во Охрид, Св. Апостол Павле каде наставата се одвива на англиски јазик и има присутни и интернационални професори кои доаѓаат од реномирани универзитети од сферата на информатичките технологии со што се дава дополнителен квалитет во едукацијата.
Тој истакна дека паралелно со реформите во економијата се вложува и во развојот на информатичките технологии во сите сегменти и тоа придонесе за значително зголемување на интернет пенетрацијата која во 2006-та беше 9%, а сега е околу 70%.
Соговорниците се согласија дека преземените мерки се солидна основа за развој на модерно општество и исполнување на основните претпоставки за економски развој и негово интензивирање. Директорите на компанијата Вајбер Игал Магазник и Талмон Марко, како и Хирато Шинатро од компанијата за он-лајн трговија Ракутен посочија дека се отворени за соработка и размена на искуства. Директорот на компанијата Вајбер Игал Магазник изјави дека нивната глобална компанија го следи напредокот на државата во сферата на информатичките технологии поради што и пројавија интерес за разгледување на различни можности за конкретна соработка, но и понудија поддршка за поврзување со останати глобални компании и корпорации кои се нивни партнери, а се заинтересирани за проширување на своите капацитети на нови пазари.