Премиерот Груевски се сретна со претседателот на албанскиот Парламент Илир Мета
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денес (вторник, 20.01.2015 година) оствари средба со претседателот на Собранието на Република Албанија, г-дин Илир Мета.
На средбата беше дадена позитивна оценка за билатералните односи кои се карактеризираат со средби на највисоко ниво. Двете страни ја изразија својата посветеност кон европските и евро-атлантските интеграции како клучни стратешки определби на двете земји. Соговорниците ја истакнаа својата заложба за унапредување и продлабочување на економските односи, трговската размена и соработката на реализацијата на инфраструктурни проекти.
Премиерот Груевски се осврна на реформите кои ги спроведува Владата. Тој истакна дека Република Македонија е посветена на натамошното унапредување на добрососедските односи со Република Албанија и за интензивирање на меѓусебната соработка. Беа истакнати нашите тековни инфраструктурни проекти на Коридорот 8 кои ќе придонесат за подобрување на меѓусебната поврзаност, олеснување на протокот на патници и стока, како и засилување на трговските односи. Се истакна изградбата на автопатот Кичево – Охрид, подготовките за изградба на автопатот Гостивар – Кичево по пат на концесија, како и подготовките за изградба на железничка пруга до албанската граница. Беше наведена подготвеноста на Владата за дополнително енергетско поврзување помеѓу двете земји, за чие финансирање постои интерес и од страна на Европската банка за обнова и развој.
Претседателот на албанското Собрание Мета изрази позитивни оценки за работењето на македонската Влада, особено на полето на привлекување на странски инвеститори, како и во областа на земјоделието и безбедноста на храната истакнувајќи дека преземањето на нашите искуства од овие сектори може да е од интерес за Република Албанија и изрази подготвеност за зајакнување на соработката. Тој го истакна и интересот на Република Албанија за железничко поврзување на двете земји како особено значајно за подобрување на меѓусебната трговија, но и за трговијата со останатите земји од регионот.
Соговорниците разговараа и за можностите за продлабочување на соработката во областа на туризмот и други стопански сектори од взаемен интерес.