Преку мерката за млади вработени 6.126 лица
Над шеесет компании учествуваат на Саемот за вработување што денеска се одржа во Тетово. Според министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денешниот саем е последниот од првиот циклус од вкупно осум вакви настани што оваа есен и зима се одржале во поголемите градови во сите региони од Македонија.
- Станува збор за еден новитет во организација на Агенцијата за вработување со цел да се поттикнат невработените активно да бараат работа и да стапат во директен контакт со компаниите кои имаат слободни работни места, да достават свои биогграфии и со какви квалификации располагаат и друго со што полесно да го најдат своето вработување. Од друга страна ова е и добра можност за компаниите да се запознаат со активните мерки и политики на Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика. Во февруари ние ќе го претставиме и новиот оперативен план за овие активни мерки за вработување за 2015 та година, изјави Спасов.
Тој посебно се осврна на резултатите постигнати со мерката за вработување на млади до 29 години при што компаниите се субвенционираат при плаќањето на социјалните придонеси и персоналниот данок за 12 месеци со обврска да го задржат вака вработеното лице најмалку уште 12 месеци.
- Од почетокот на оваа мерка во март 2014 година досега за помалку од 10 месеци вукпно се вработени 6.126 млади што покажува дека оваа системска мерка дава големи резултати и таа ќе продолжи и во текот на оваа година за да заврши во март 2016 тата година. Самата бројка од над шест илјади вработени млади лица за овој период симболично е споредлива како да се отворени шест големи фабрики, рече Спасов.
Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски посочи дека саемите за вработување покажале оти се зголемила довербата помеѓу невработените и компаниите и да се најдат невработените да го решат своето вработување, а компаниите да најдат кадар што дотогаш не можеле да го најдат. Истовремено младите кои се определуваат за продолжување на своето средно или високо образование преку нас може да се запознаат какви образовани профили се потребни на пазарот на трудот и така да го насочат своето образование, рече Поповски.