Отворена градинка во склоп во ОУ „Кочо Рацин“ во Охрид
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески денеска ја предадоа во употреба новата градинка што ќе функционира во рамки на Основното училиште „Кочо Рацин“ во охридската населба „Радојца Новичиќ“.
- Ова е трет проект реализиран изминатите неколку месеци во Охрид, наменет за зголемување на капацитетите за згрижување и воспитување деца од предучилишна возраст. Охрид е вистински пример како треба да се гради систем за достапност на детски градинки во сите населени места во рамки на една општина, истакна Спасов.
Тој додаде дека тука не застануваат активностите на општинските власти за отворање слични објекти како во Пештани, со што дополнително ќе се зголеми капацитетот, ќе се подобрат условите и создадат можности повеќе родители да ги згрижат децата во објектите во општина Охрид.
- Министерството за труд и социјална политика продолжува на реализацијата на програмата на Владата и даденото ветување кон граѓаните за отворање 40 градинки во четиригодишниот период. Минатата година го натфрливме предвиденото односно беа отворени десет градинки и два центри за ран детски развој. Ова е втор објект што го отвораме оваа година, истакна министерот Спасов.
Тој нагласи дека паралелно се реализира и проектот за подобрување на квалитетот на услугите на градинките, преку понуда на здрава храна, со што децата се стекнуваат и со здрави навики и знаења за важноста од консумирањето зеленчук и овошје во секојдневната исхрана.
Градоначалникот на Охрид истакна дека отворањето на објектот е реализиран во рамки на стратегијата на локалната самоуправа за унапредување на воспитно-образовниот процес на претшколската популација во општината.
- На некој начин во континуитет ги продолжуваме нашите напори за обезбедување соодветни простори во периферните населби и делови на градот, и на тој начин им ги приближуваме овие неопходни услови за згрижување и образование на родителите во денешниот свет на динамичен и забрзан развој, рече Бакрачески.
Отворањето на капацитетот за претшколска возраст во ОУ „Кочо Рацин“ произлегува од програмата на УНИЦЕФ за ран детски развој насловена „Првите пет најважни на свет“.
- Сите деца што егзистираат во општина Охрид не можат да бидат прифатени во посточеките капацитети и тоа е нешто што во иднина ќе ни претставува насока како да се реализира програмата за ран детски развој и обезбедување услови за воспитно-образовениот процес за најмладата популација, додаде Бакрачески, најавувајќи слични објекти насекаде каде што има услови и потреба за пренамена на постоечките образовни институции.