Одбележани 143 години од раѓањето на Гоце Делчев
Во Скопје денеска беа одбележани 143 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Во црквата „Свети Спас“ беше одржана Панихида, а делегации на на државни институции, политички партии, здруженија на граѓани, општини и установи положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев. Собраниската делегација ја предводеше потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски, а Владината - вицепремиерот Владимир Пешевски.
Цвеќе беше положено и на спомениците на Делчев на плоштадот „Македонија“ и во Градскиот парк.
Гоце Делчев, визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, роден е на денешен ден во 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола.
Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Делчев е убиен од турска војска, на 4 мај 1903 година во селото Баница.