Груевски: Реализирани голем број проекти за развој на руралните места
Премиерот Никола Груевски денеска е во посета на Кочанско каде го пушти во употреба патот до селото Бели, ги посети објектите на американската компанија Амфенол за производство на автоделови и изврши увид во градежните работи на пристапниот пат до браната Речани на Оризарска Река и за изградба на канализација во Кочани.
- Со инвестиција од околу 10 милиони денари се изврши реконструкција на 1,4 километри пат, кој е од огромно значење за повеќе населени места во овој регион. Покрај селото Бели, овај пат е важен и за селата Нивичани, Пантелеј и Рачани, а воедно е значаен и за манастирот „Св. Пантелејмон“, кој е доста посетуван, рече премиерот по пуштањето во употреба на патот кон селото Бели.
Тој во својот говор истакна дека Владата во изминатиот период има реализирано голем број проекти и изградено стотици локални патишта низ целата држава.
- Инвестирањето во изградбата на патиштата со цел подобрување на пристапноста и животот во руралните места низ Македонија се важен приоритет на Владата. Реализацијата на овие проекти значи подобрување на регионалната поврзаност, заживување на многу места низ државата, поттикнување на развој на економијата, земјоделството, туризмот и уште многу слични гранки, потенцира Груевски.
Напомена дека граѓаните веќе неколку месеци го користат новиот пат и додаде дека разликата е очигледна и неспоредлива со претходно.
- Ваквите проекти се одличен показател дека ние не ги забораваме и помалите места во Македонија. Дали е еден километар, два, три или пет километри ваквите патишта се од секојдневно значење за луѓето, истакна Груевски.
При посетата на пристапниот пат до браната Речани на Оризарска Река заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски истакна дека Владата ќе вложи 35 милиони евра во изградбата на пристапниот пат до браната и за градба на браната.
- Со ова ќе се реши долгогодишното барање на градоначалниците од трите општини Кочани, Виница и Чешиново-Облешево и ќе се реши проблемот со вода за пиење и за наводнување на трите општини, а ќе се изгради и енергетски капацитет за производство на електрична енергија, рече Костадиновски.
Нагласи дека се очекува изградбата на браната да трае 30 месеци.
Градоначалникот на Општина Кочани Ратко Димитровски порача дека покрај решавањето на проблемот со водоснабдување, изградбата на пристапниот пат и на браната Речани ќе значи заживување на трите општини и ќе отвори можност за враќање на иселените граѓани од околните села.
Премиерот Груевски денеска ќе ја посети и Виница каде ќе ја пушти во употреба технолошко-индустриската развојна зона.