Над 340 здравствени работници на едукација во странство од почетокот на годинава
Од почетокот на годинава над 340 здравствени работници се испратени на едукација во реномирани медицински центри во Европа и светот во рамки на проектот за едукација на здравствениот кадар во странство, што континуирано се спроведува во изминатите три години.
За овој месец, соопшти Министерството за здравство, се одобрени едукации во странство на 90 здравствени работници, од кои досега се испратени 72 здравствени работници, во повеќе медицински центри во Европа и САД меѓу кои: Универзитетски медицински центар АКХ – Виена; медицински центар Роналд Реган – УКЛА, САД; Клиника Штутгарт; Универзитетски клинички центар Хамбург – Епендорф; клиника АТОС – Германија; Универзитетска болница Чапа Черепаша - Истанбул, Турција; Клинички центар Љубљана; болница Токуда - Софија, Бугарија; Центар за тренинг – Измир, Турција; Клинички центар Белград – Србија; болница Шафак – Истанбул, Турција.
До крајот на овој месец, дополнителни 18 здравствени работници ќе бидат испратени на едукација во медицински центри во Ново Место, Словенија и Истанбул, Турција.
Проектот за едукација на здравствениот кадар во странство овозможува стекнување нови знаења и вештини, како и совладување нови методи за лекување и третман на пациентите, со цел континуирано унапредување на квалитетот на здравствените услуги во Македонија.
Од почетокот на имплементација на проектот, досега на едукација во странство се испратени над 1.400 здравствени работници.