Спасов ги посети пензионерите кои се на бесплатен викенд во Дојран
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија Драги Аргировски и градоначалникот на општина Дојран Борче Стамов денеска ги посетија пензионерите, кои се наоѓаат на бесплатен туристички викенд во Дојран.
- Грижата за пензионерите е наша обврска и должност, меѓутоа во исто време и наша заложба и задоволство да им овозможиме достоинствен живот на пензионерите. Квалитетниот живот во третото доба е определба на Владата и со реализација на низа проекти тоа и го потврдуваме, рече Спасов.
Проектот за бесплатен туристички викенд почна да се реализира оваа година, опфаќа два полни пансиони со бесплатен превоз и чини околу 7 милиони денари.
- Во соработка со Сојузот на пензионери продолжуваме да ги реализираме позитивните проекти за поквалитетен и достоинствен живот на корисниците на пензија и во рамки на зголемување на пензиите и во рамки на реализација на бесплатни проекти како што се бањско-климатска рекреација, бесплатен туристички викенд и други, со кои значително се подобрува животот на корисниците на пензија, нагласи Спасов.
Претседателот на Сојузот, Аргировски изрази благодарност за досегашната поддршка на пензионерите во нивното севкупно живеење.
Оваа година преку проектот ќе бидат опфатени 3.000 пензионери, кои што ќе имаат можност да присуствуваат на бесплатен туристички викенд во Дојран, Охрид, Струга, Берово, Преспа.