Пуштен во употреба кружниот тек кај Порта Влае
Пуштени во употреба новоизградениот кружен тек на булеварот „Партизанкси одреди“ и улиците „Ацо Шопов“ и „Ѓорче Петров“, кај Порта Влае и проширениот дел од булеварот до автобазата на ЈСП во Ѓорче Петров.
На свеченоста присуствуваа премиерот Никола Груевски, градоначалниците на Град Скопје, Карпош и Ѓорче Петров, Коце Трајановски, Стевчо Јакимовски и Сокол Митровски.
- Со изградбата на овој кружен тек се пробива уште едно тесно грло на градот и се овозможува полесна комуникација на жителите на Ѓорче, Влае, Карпош и сите останати кои ја користат оваа траса на патување. Проектите од ваков тип се влог во новиот лик на Скопје, Скопје кое ќе се издвојува по својата естетика и функционалности, ќе биде во чекор со европските метрополи, истакна Груевски.
Во изминатите неколку години, според него, Скопје доживеа една од најважните трансформации во историјата на своето постоење.
- Пред само една деценија овој град беше уште еден монолитен и полуурбанизиран пример за незаинтересираноста на локалната валст и несоодветното трошење на јавните средства. Денес, Скопје прераснува во вистински глобален град посетен од голем број странски туристи, а што е уште поважно Скопје станува град кој може да одговори на потребите на своите граѓани, подвлече Груевски.
Тој потсети на реализираните проекти, како што се проширените булевари, катните гаражи, дел од фасадите, кружните текови, парковите, жичарата на Водно, Градскиот стадион, театри, музеи, модернизација на Зоолошката градина, набавката на нови автобуси..., и се, како што нагласи, што доликува на главен град и град со динамична демографија и континуирана урбана експанзија.
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски истакна дека со реализацијата на овој проект се зголеми безбедноста во сообраќајот во овој дел од градот, а просторот доби нов лик.
- Со изградбата на кружниот тек се комплетира мрежата на модерни сообраќајни решенија, кои претставуваат вистински сервис за граѓаните и гарантираат забрзан раст на општините Ѓорче Петров и Карпош, рече Трајановски
Ова, како што појасни, е најголемиот кружен тек во Скопје со дијаметар од 40 метри односно коловоз со ширина од девет метри, заштитна патека од 1,5 метар и средишно зеленило.
- Со проширувањето, булеварот „Партизански одреди“ доби по три коловозни ленти во секоја насока , средишна жардињера со ширина од 5 метри, а формирани се и велосипедска и пешачка патека. За одведување на атмосферските води од новиот кружен тек на булеварот „Партизански одреди“ изградена е атмосферска канализација во должина од 472 метри. За реализација на овој проект од буџетот на град Скопје потрошени се 50,5 милиони денари, информира Трајановски.
Изградбата на кружниот тек, според Јакимовски, овозможи подобра циркулација на возилата не само од општините Карпош и Ѓорче Петров, туку и за цело Скопје.
- Ова е значајно и за останатите граѓани од Македонија особено од западниот дел кои гравитираат кон Скопје, рече Јакимовски.
Градоначалникот Митровски смета дека овој дел од булеварот „Партизански одреди“ бил најнефункционален и најнебезбеден.
- Ова беше една од најризичните крстосници. Тоа посебно беше изразено во утринските и попладневните часови кога се создаваше голем сообраќаен метеж, рече Митровски.