Пешевски: Преземаме мерки за сигурно и квалитетно снабдување со електрична енергија
Енергетската сигурност подразбира редовно задоволување на побарувачката на енергија при одржливи, еколошки прифатливи услови и цени кои не го забавуваат економскиот развој и не го загрозуваат животниот стандард на граѓаните. Тоа го истакна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски во обраќањето на семинарот „Прашања за енергетската транзиција и нејзините последици во Македонија“, што се одржува денеска во Скопје организиран од амбасадите на Германија и Франција во Македонија.
За обезбедување енергетска сигурност, укажа Пешевски, потребна е поголема разнообразност на енергетските ресурси по видови, извори и снабдувачи, активна улога на регионалниот енергетски пазар и Европската енергетска заедница.
- Поголемата разнообразност ќе ја зголеми конкурентноста, а со тоа ќе обезбеди сигурно снабдување со енергија и одржливи цени на енергенсите. Во таа смисла, Владата на РМ тежнее кон максимално можно искористување на домашните ресурси и се насочи кон стратешки издржана долгорочна политика за приклучување кон главните енергетски текови во регионот и пошироко, рече вицепремиерот Пешевски.
Потенцира дека основна задача на Владата во текот на сите години била да се обезбеди сигурно и квалитетно снабдување со енергија и наведе дека таа цел ќе продолжи и во наредниот период каде се очекува да се спроведуваат мерки и активности за обезбедување сигурност во снабдувањето со сите видови на енергија и енергенси на потрошувачите во државата.
Истовремено, како што рече, ќе се спроведуваат активности за модернизација на постојната енергетска инфраструктура и изградба на нови објекти за производство на електрична енергија и системи за пренос и дистрибуција. Во оваа насока се очекува да се намали увозната зависност на земјата од поедини видови енергија и енергенси.
Во делот на внатрешниот пазар на електрична енергија и природен гас, рече Пешевски, се очекува да се спроведат утврдените чекори за либерализација.
- Во наредниот период се очекува транспонирање и спроведување на третиот пакет од законодавството на ЕУ за внатрешен пазар на енергија при што ќе се обезбеди поголема независност на операторите на преносните системи, ќе се зајакне улогата на Регулаторната комисија за енергетика и ќе се воведат конкретни мерки за дефинирање на концептот на ранливи потрошувачи и нивна поддршка. Со ова се овозможува да се обезбеди поголема конкуренција во енергетскиот сектор преку зголемување на бројот на учесници на пазарите на енергија. Понатамошната либерализација ќе се одвива во пет фази, а целосна либерализација ќе се постигне до 2020 година, посочи вицепремиерот за економски прашања.
Еден од главните предизвици, како што наведе, е да се продолжи со усогласување на секторот енергетика со целите на ЕУ во однос на енергетиката и климатските промени, вклучително и отворањето на енергетскиот пазар по зацртаното сценарио, намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на енергетската ефикасност, учеството на гасот и обновливите извори на енергија.
- Тука спаѓаат и проектите за зголемување на достапноста кон сите видови на енергија по конкурентни цени каде пред се се мисли на довршување на интерконективните проекти за поврзување на Македонија со соседните енергетски системи, како за електрична енергија, така и за гас. Впрочем, тоа се и новите препораки за сите земји на Европската унија кои произлегуваат од предлогот за Енергетската унија, рече Пешевски, истакнувајќи дека продолжувањето со процесот на гасификација и зголемена примена на гасот е еден од приоритетите во иднина.
Тој најави дека годинава треба да се донесе новата стратегија за развој на енергетиката до 2035 година со која ќе се утврдат целите за долгорочен развој, а следната година програмата за нејзина реализација.
Во делот на енергетската ефикасност укажа дека се вложуваат напори за создавање средина за инвестирање преку донесување законска и подзаконска регулатива, стратешки документи и акциски планови со цел да се постигне заштеда на енергија од девет проценти. Тоа, потенцира, е во насока на исполнување на целите утврдени во Стратегијата на Југоисточна Европа 2020 во рамки на Регионалниот совет за соработка.