Груевски: Македонија прва по новоотворени работни места во Европа
Македонија е на прво место со раст од 223 проценти според бројот на новоотворени работни места по глава на жител во Европа, а втора е Словачка со раст од 128 проценти или речиси двојно помалку.
Ова го посочи премиерот Никола Груевски прашан за коментар за последниот извештај на Ernst & Young во кој се анализираат 43 земји во Европа, колкав раст имаат во бројот на новоотворени работни места по глава на жител во 2014 година споредено со 2013 година, по поставувањето камен-темелник на ТИРЗ во Делчево.
- Раст од 223 проценти е резултат на новите 5.020 работни места во 2014 година што укажува дека Македонија е во сериозен подем на отворање нови работни места како резултат на странските инвестиции, рече премиерот Груевски.
Тоа, како што нагласи, укажува дека напорите на Владата и инвестициите кои беа направени во правец на отворање нови технолошко-инудстриски развојни зони и индустриски зони даваат резултати поголеми од очекуваните.
- Охрабрени сме да продолжиме со изградбата на новите ТИРЗ-ови или индустриски зони со цел на многу места во Македонија и во близина на многу градови да има подготвени парцели со целосна инфраструктура за да примаат нови инвеститори, рече Груевски.