Бесплатно летување за 2.000 деца во социјален ризик
Две илјади деца од семејства во социјален ризик и годинава ќе можат да одат на бесплатен летен одмор. Заинтересираните од денеска до 17 јуни ќе можат да поднесуваат барања до центрите за социјална работа.
- Оваа година планираме да опфатиме 2.000 дечиња од семејствата во социјален ризик за бесплатен летен одмор во Струга, во период од 7 дена, односно 6 полни пансиони. За реализација на овој проект, за ова лето обезбедени се 8 милиони денари. Денеска е објавен јавниот повик кој што ќе трае до 17 јуни на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани, рече на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Услугата ќе можат да ја користат деца од семејства во социјален ризик, деца од семејства приматели на социјална парична помош, деца без родители и родителска грижа, како и деца со пречки во развојот од петто до деветто одделение.
- Право да аплицираат имаат родителите кои што се корисници на социјална парична помош, на детски додаток, родителите кои што се корисници на посебен додаток, односно родителите на децата со пречки во развојот. Право на бесплатен одмор ќе имаат и децата без родители и родителска грижа, рече Спасов.
Овој проект се реализира од летото 2012 година. Досега оваа бесплатна услуга за летен одмор ја искористиле 6.000 дечиња, додека бесплатната услуга за зимски одмор ја искористиле вкупно 3.000 дечиња.
- Со овој проект досега опфативме 9.000 дечиња и 9.000 семејства кои се во потешка сосотојба добија поддршка од државата и можност да ги пратат своите деца на бесплатен летен и зимски одмор. Како Влада и понатаму ќе продолжиме со реалзизација на проекти кои што се во интерес на граѓаните и на децата кои што се наоѓаат во социјален ризик, рече Спасов.
Најави дека и натаму ќе се реализираат активности за поголема поддршка на материјално необезбедените семејства во Република Македонија и континуирано подобрување на нивниот живот.