Груевски се сретна со претставниците на Парламентарното собрание на ОБСЕ
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (петок, 05.06.2015 година) оствари средба со специјалниот претставник на Парламентарното собрание на ОБСЕ за Југоисточна Европа, г-дин Роберто Батели и специјалниот претставник на Парламентарното собрание на ОБСЕ во Виена, г-дин Андреас Нотеле.
На средбата со соговорниците беше констатиран позитивен развој на соработката помеѓу Република Македонија и ОБСЕ. Премиерот Груевски се заблагодари и ја поздрави активната улога на ОБСЕ во реализацијата на реформите и мерките кои се насочени кон реализација на стратешките цели.
Премиерот Груевски истакна дека темелна определба на Република Македонија е членството во ЕУ и НАТО, на чија реализација Владата работи на исполнување на активностите и мерките од пристапниот процес. Тој посочи дека Владата ќе продолжи со посветена работа за унапредување на стандардите во секоја општествена сфера и унапредување на можностите за сите граѓани и нивниот стандард.
На средбата стана збор и за актуелната политичка состојба во земјата, при што соговорниците истакнаа дека е потребно одговорно однесување, отворен ангажман на субјектите при што се констатира потребата и очекувањата за нејзино брзо надминување. Претставниците на ОБСЕ ги поздравија напорите за решавање на политичката криза, како и дијалогот кој се одвива во тој правец.
Соговорниците потенцираа дека соработката помеѓу Република Македонија и ОБСЕ ќе продолжи во сите сфери од взаемен интерес и од интерес за граѓаните на земјата.