Јолевски: Македонија има јасна стратегиска цел, а тоа е членството во НАТО

Македонија има стратегиска цел и определба да биде дел од НАТО. Вредностите на Алијансата се и наши вредности и затоа македонските мировници даваат поддршка на напорите на НАТО за воспоставување слобода и безбедност на глобално ниво, порача министерот за одбрана  Зоран Јолевски во своето обраќање на Глобалниот форум „Вроцлав 15“ во Полска.

Говорејќи на панелот посветен на „Патот кон Европа“, министерот Јолевски додаде дека граѓаните на Република Македонија даваат континуирана висока поддршка на процесот за интеграција кон Алијансата, процес кој е поддржан и од политичките партии во Македонија.

- Македонија и земјите од регионот на следниот самит кој ќе се одржи тука во Полска треба да бидат поканети за да станат полноправни членки. На тој начин ќе се зацврсти стабилноста и безбедноста во регионот на Југоисточна Европа, што е многу важно имајќи ги предвид новите геополитички предизвици, рече министерот.


На маргините на форумот Јолевски оствари и билатерална средба со неговиот полски колега, министерот за национална одбрана Томаш Шимоњак на која ја потврдија одличната и интензивна соработка помеѓу двете земји. 

- Нашите почести средби се доказ дека постои одлична комуникација во рамките на одбраната. Македонија и Полска се две пријателски земји, кои меѓусебно се поддржуваат на сите полиња, рече Јолевски, укажувајќи на аргументите зошто Македонија заслужува веднаш да биде веднаш дел од Алијансата и се заблагодари за поддршката од Полска.

Во текот на денешниот ден, Јолевски ќе се сретне со американската сенаторка Џеан Шахин, која е дел од Сенатот на САД од 2009 година, а е член и на комитетите за вооружени сили и надворешни работи во Сенатот.

Утре, на вториот ден од Форумот, Јолевски ќе има средба со генералот Џејмс Џонс, поранешен командант на Маринскиот корпус и советник за национална безбедност на претседателот на САД.