Почна проширувањето на улицата „Маџари“
Премиерот Никола Груевски и градоначалниците на Град Скопје и на општина Гази Баба Коце Трајановски и Тони Трајковски денеска го означија почетокот на градежните работи за реконструкција и проширување на улицата „Маџари“.
- Почнува големиот проект за реконструкција и проширување на улицата „Маџари“. Проектот предвидува улицата да добие четири сообраќајни ленти, нови тротоари, велосипедска и пешачка патека, ново осветлување, а во исто време ќе се постави и нова атмосферска канализација со што ќе се влијае на надминување на проблемот со атмосферските води, истакна Груевски.
Премиерот Груевски изрази надеж дека жителите ќе имаат разбирање додека се одвиваат градежните работи и додаде оти на крај ќе има одлични придобивки за населбата и ќе се овозможи побрз транпосорт.
Трајановски информира дека овој проект ќе се реализира во две фази. Во оваа фаза улицата „Маџари“ ќе се реконструира на потегот од крстосницата со улицата „Јужноморавски бригади“ до улицата „Палмиро Тољати“ во должина од 666 метри.
- Со проширувањето, оваа тесна и нефункционална улица ќе добие четири сообраќајни ленти со ширина од по 3,25 метри, по две ленти во секоја насока, и нови тротоари покриени со бекатон-плочки. Од левата страна на улицата „Маџари“, гледано кон надвозникот, ќе се формира велосипедска патека со ширина од 3 метри и пешачка патека со ширина од 1,5 метри, рече Трајановски, кој додаде дека од десната страна на оваа улица ќе се формира пешачка патека со ширина од 2 метри.
На новопроширената делница ќе се постави и ново улично осветлување. Градежните работи за проширување на улицата „Маџари“ на овој потег ќе се искористат за да се постави нова атмосферска канализација на потегот од крстосницата на улицата „Јужноморавски бригади“ со улицата „Методија Андонов-Ченто“ до надвозникот во Маџари.
На проектот за проширување и реконструкција на улицата „Маџари“, прва фаза, на потегот од крстосницата со улицата „Јужноморавски бригади“ до улицата „Палмиро Тољати“ и на атмосферската канализација ќе работат екипите на градежната компанија „Бауер БГ“. Град Скопје за овој проект ќе вложи околу 52 милиона денари.
Додека траат градежните работи на улицата „Маџари“ ќе се воведе привремен сообраќаен режим.