Нови наслови од едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“
Нови 20 наслови од едицијaта „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“ беа промовирани денеска на третата промоција од почетокот на овој проект, во кој се планирани вкупно 366, а досега се преведени и отпечатени 50 наслови.
Меѓу новообјавените се дела од филозофите Ентони Кени, Ниче, Шелинг, Едмунд Берк, Рудолф Ото..., осум изданија се од историјата (од среден, нов и најнов век), меѓу кои се насловите „Балканскиот Вавилон – Распаѓањето на Југославија од смртта на Тито до падот на Милошевиќ“ на Сабрина Рамет, „Сите луѓе на Сталин“ од Рој Медведев, „Приоѓајќи и на отоманската историја“ на Сураја Фарокви, „Историја на современа Турција“ на Антонело Биаџини...
- Имаме и повеќе други дела кои ќе овозможат непосреден пристап до идеите и учењата што ги дефинираат светската филозофија, историја и психологија од нивните зачетоци па се до нашето современие. Изборот на книги е правен посебно внимателно и критички, и се надевам дека во истиот тој дух ќе бидат примени и опсервирани од нашата јавност и научната заедница, истакна премиерот Никола Груевски на промоцијата на новите изданија.
Апелираше тие да се користат и од студентите на општествените науки, зашто се работи за литература ценета и релевантна во сите развиени држави во светот.
Премиерот соопшти дека од 1 јули 2015 книгите од оваа, како и од другите едиции што ги реализираше Владата на РМ преку Министерството за култура, ќе може да се купат во НУБ „Св. Климент Охридски“ и во другите национални библиотеки во Македонија. Ќе бидат достапни како комплети со можност да се платат на рати, а дел од нив ќе може да се набават и како поединечни наслови.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека делата опфатени со оваа едиција извршиле пресудно влијание врз развојот на психолошката, историската и филозофската мисла во секој сегмент на нејзиниот развој.
- Оттука, тие ќе имаат клучно влијание врз натамошниот развој на македонската наука, култура и високо образование. Оваа едиција има уште една многу значајна придобивка, а тоа е афирмацијата на македонскиот јазик и неговиот лингвистички потенцијал за артикулација на најсложените нијанси на мислата и нејзиното толковно значење. Преку преводите на овие дела македонскиот јазик несомнено ја потврдува својата виталност, својата богата лексика, својот уникатен интелектуален и духовен профил, го потврдува своето место меѓу високоразвиените јазици на современата цивилизација, истакна Канческа-Милевска.
Значењето на едицијата е и во тоа што голем дел од насловите првпат се преведени на македонски јазик зашто досега беа достапни само во оригиналот или на српски. Академик Витомир Митевски посочи дека најважен дел од процесот на преведување на делата е токму создавањето македонска терминологија во замена на интернационалната лексика и наоѓањето што е можно повеќе соодветни термини на македoнски јазик или термини кои се дел од кирилометодиевската традиција. - Преведувањето на книгите е и една невидлива лабораторија за создавање нова терминологија. Создаваме алтернатива, да се почувствува дека нашиот јазик има изразни средства, рече Митевски.
Историчарот доц. Д-р Теон Џинго, пак, истакна дека со оваа едиција е добиена и ретка можност за создавање автентична историографија.
- Оваа едиција ни овозможува да продреме подлабоко во проучувањето и толкувањето на еминентните светски научници и нивната перцепција кон македонските и континенталните прилики од минатото, додаде Џинго.