Нова медицинска опрема од два милиони евра ќе добие ГОБ „8 Септември“
Нова и најсовремена медицинска опрема ќе биде набавена за Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје во вредност од околу два милиони евра (121 милион денари). Одлуката за набавка на опремата вчера на седница ја донесе Владата на Република Македонија.
Министерството за здравство уште денеска ќе ја отпочне постапката за набавка на опремата. Најголем дел од опремата се очекува да биде набавен и ставен во функција до крајот на февруари. Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров кој рече дека станува збор за значаен проект кој планираат да го спроведат во Градската општа болница „8 Септември“.
- Станува збор за опрема со која сериозно ќе унапредиме повеќе специјалности во оваа болница, како што се: кардиологија, ОРЛ и ОРЛ дијагностика, патологија, ендокринологија, урологија, трансфузија, васкуларна ултразвучна дијагностика, физикална терапија, пулмологија, посочи Тодоров.
Појасни дека се фокусираат на овие специјалности, со оглед на тоа што во изминатиот период бил евидентиран значителен пораст на бројот на пациенти кои се третираат на овие одделенија. На одделението за кардиологија, потенцира министерот, бројот на упати креирани во првите 6 месеци од годинава е поголем за 28 проценти споредено со првите шест месеци од минатата година, на одделението за урологија бројот на упати е зголемен за 32 проценти. Исто така, и во останатите специјалности се бележи одредено зголемување.
- Со оваа набавка на одделението за кардиологија обезбедуваме нова опрема во вредност од околу 40 милиони денари која опфаќа: 7 нови ЕКГ апарати (кои се 6-канални), 6 монитори за стандарден инвазивен мониторинг, 8 монитори со централа, 4 дефибрилатори со пејсмејкер, 3 апарати за дефибрилација, 4 холтер апарати за срцева акција, 3 холтер системи за крвен притисок, 2 ленти за ергометрија, истакна Тодоров.
Потенцира дека станува збор за апарати кои се значајни за целокупно унапредување на специјалноста, а со тоа и за подигнување на квалитетот на здравствените услуги од областа на кардиологија.
На одделението за оториноларингологија, како и во делот на ОРЛ дијагностика, нагласи министерот, набавуваме опрема во вредност од над 13 милиони денари и тоа: аудиометар за субјективно испитување на слухот, тампанометар за објективно испитување на слухот, апарат за испитување на рамнотежа, оперативен стол за ОРЛ операции, сетови за оториноларинго хирургија со хирушки ото микроскоп, фрези и инструменти.
- Со оваа набавка дополнително ќе го зајакнеме капацитетот и на одделението за физикална терапија, каде набавуваме повеќе апарати за електротерапија и магнетна терапија, во вредност од 3 милиони денари. Дополнително, за потребите на одделението за патологија набавуваме опрема во вредност од над 9 милиони денари, која опфаќа: апарат за балсамирање ткива, апарат за калапење ткива со ладилник, апарат за боење на препарати, и универзална центрифуга, рече Тодоров.
Истакна дека за потребите на одделението за ендокринологија ќе биде набавен нов автоматски стерилизатор за изработка на спермограм и подвижен ЕХО апарат со површинска сонда за тироидеа и други жлезди со внатрешно лачење во вредност од 3,4 милиони денари, а Одделението за трансфузија ќе се зајакне со опрема во вредност од 6,3 милиони денари, која опфаќа: центрифуга со внатрешен систем на ладење, фрижидер за чување на крв и продукти од крв до +4 степени Целзиусови, како и нов кревет за земање на крв.
За вакуларна ултразвучна дијагностика ќе биде набавен и нов ЕХО апарат со васкуларна сонда за периферија и сонда за ренална циркулација, во вредност од 4,7 милиони денари. Одделението за пулмологија ќе добие фибероптички бронхоскоп во вредност од над 8 милиони денари, одделението за урологија ќе добие опрема во вредност од околу 4 милиони денари, а за потребите на болницата ќе се биде набавена комплетна апаратура за стерилизација во вредност од над 5,5 милиони денари.
Тој рече дека целта е со новата софистицирана опрема, според врвните европски и светски стандарди, да го зајакнат капацитетот на одделенијата во Градската општа болница „8 Септември“ во поглед на опремата, имајќи предвид дека во таа јавна здравствена установа постојано се бележи тренд на зголемување на бројот на пациенти, а огромен е бројот на лекари кои поминаат едукација во земјата и во странство.
- Со набавка на новата и најсовремена опрема уште повеќе ќе се подигне нивото на квалитет на здравствени услуги, ќе се забрзаат здравствените услуги, а со тоа очекуваме дополнително да се подобри оценката на пациентите за услугите кои се даваат во таа болница, која е еден од стожерите на македонскиот здравствен систем, додаде Тодоров.