Груевски: Покрај изградбата на нов студентски дом ќе се набави и нов мебел за сите студентски домови

Покрај изградбата на нов студентски дом, донесовме одлука за набавка на комплетно нов мебел за сите студентски домови. Ова вечерва го истакна премиерот Никола Груевски во интервју за телевизијата Канал 5.

- Активно се работи за изнаоѓање локација за нов студентски дом како што и најавив неодамна. Заменик-министерот за образование и министерот за образование веќе имаат изнајдено неколку локации во Скопје и треба да направат евалуација да видат која од нив е најсоодветна од сите гледни точки, рече Груевски.

Очекувам, посочи премиерот, во текот на следната недела да ја имаме конечната локација каде што ќе се гради нов студенски дом во Скопје.

- Она што е исто така значајно да го соопштам и што сигурно ќе им се допадне на студентите, е дека Владата во меѓувреме донесе одлука, за повеќегодишна набавка на целокупниот мебел во сите студенски домови, истакна Груевски.

Потенцира дека се она што е плакари, кревети, маси, столици итн., се она што е мебел во еден студенски дом, во неколку години, во две до три години во фази целосно ќе биде заменет во сите студентски домови со комплетно нов мебел.

- Освен градењето на новиот студенски дом, реновирањето на студентскиот дом „Гоце Делчев“ кое е во тек, претходните реновирања што ги правевме во студентскиот дом во Гази Баба и градбата на еден дел од тој дом, одиме и на градба на нов студенски дом и на целосна замена на мебелот во сите студенски домови, додаде премиерот Груевски.