Груевски: Наш интерес е договорот да се спроведе
Наш интерес и интерес на државата е да се спроведе договорот од Пржино и ние сме посветени тоа да се случи што е можно побрзо, изјави денеска премиерот Никола Груевски.
- Сакам да потврдам дека работните групи се во постојана комуникација со олеснувачот. Наш интерес и интерес на државата е да има спроведување на договорот и ние сме многу посветени на тоа колку што е можно побргу да се случи, рече премиерот Груевски одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата за последниот извештај Дуинг бизнис на СБ за 2016 година.
Во однос на вчера изнесените ставови на амбасадорите Груевски истакна дека го поздравува нивниот ангажман, за, како што рече, помагање и олеснување на преговорите.
Премиерот укажа и дека неговиот коментар на Твитер за тоа дека народот ќе одлучи на избори не е ништо друго, туку потврда на тоа што е реалност кога доаѓаат изборите.
- На изборите одлучуваат граѓаните, рече Груевски дополнувајќи дека неговиот коментар воопшто не е во колизија со напорите што ги прават претставниците на меѓународната заедница да и помогнат на Македонија за побрзо да се надмине сегашната ситуација во преговорите.
Прашан за текот на преговорите на работните групи, Груевски рече дека за тоа ќе се изјаснат на преговарачката маса и најави оти кога ќе завршат ќе ги објаснат сите нивни ставови.
Груевски ги негира шпекулациите за наводно организирање јавни собири од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, обебзедени се средствата што се наведени во планот за работа на специјалното јавно обвинителство. На денешната седница на Владата треба да биде усвоена одлука за финансиите за работата на специјалното јавно обвинителство, а по нејзино одобрување од Собранието на седницата закажана за 2 ноември, предвидените средства, според Ставрески, ќе бидат ставени на располагање.
Во интерес на сите нас и на Република Македонија, рече Ставрески, е да се овозможи непречена работа на специјалниот јавен обвинител вклучително и да се обезбедат финансиски средства за реализација на планот за работа. - Во тој контекс во текот на оваа недела отворена е сметка и депониран потпис од специјалниот јавен обвинител како потписник на таа сметка. Обезбедени се средствата што се наведени во планот за работа. На денешната седница на Владата одлуката ќе биде разгледана и очекувам Владата да даде поддршка и таа одлука ќе биде доставена до Собранието. На прва седница на Собранието која што е закажана за 2 ноември ќе биде потврдена или разгледана таа одлука и штом Собранието ќе ја потврди тогаш истиот ден се префрлаат средствата на сметката и специјалниот јавен обвинител ќе може да ги користи, рече Ставрески.