Писмена изјава на премиерот Груевски за случајот Фабрика за афери
Писмена изјава на претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, за случајот Фабрика за афери
Додека ние мислиме на отворање нови работни места, на куќи за младите, на градење фабрики, патишта, нови болници, факултети, додека мислиме како да реализираме проекти од интерес за народот, некој мислел на фалсификати, деструкција, сценарија, местенки, лажни конструкции и гнасни потези. Тоа не е политика. Ова веќе не е политика. Нашиот народ не го заслужил ова. Некој се обидува да ја киднапира државата и ја држи во заложништво и нашето трпение за ближи кон крајот. Ако до пред некој ден мислевме дека опозицијата го допрела дното, сега е дефинитивно дека го пробија и дното. Ова мора да се истражи до крај, и сите виновници да одговараат пред законот. Мора да се истражат сите поврзаности на овој случај со други големи случаи. Мора да се истражат безбедносните аспекти на овој случај со други случаи. Мора да се истражи и објави како конструирани снимки и фалсификати произведени во Фабриката за афери завршувале во соседни земји. Кој тоа правел трговија со овие работи? Тоа не само што има и други квалификации туку е и класично антидржавно однесување против Република Македонија и нејзините граѓани. И ова не може да се оправда со невешти изјави и интервјуа на лица од опозицијата кои служат само за прикажување на лажна самодоверба.
Ова е срамно и бедно и гледам дека ни најголемите подржувачи на опозицијата меѓу новинарската фела немаат како да ги оправдаат политичарите од опозицијата. Ова има две цели. Прво, продолжување на агонијата и деструкцијата која опозицијата ја стимулира, тие се надеваат и самозалажуваат дека добиваат иако за секој разумен е јасно дека катастрофално губат. И второ, одложување на изборите. Тие од избори се плашат многу.
Ние направивме се што се побара од нас, бевме дури и критикувани дека премногу попуштаме и имаше куп теории на заговор околу тоа. Македонија е заложник на лудилото на неколку луѓе од опозицијата кои загушени во сопствената криминогеност и под притисок на сопствениот неуспех, прават постапки кои се очајни.
Никола Груевски
Претседател на Владата на Република Македонија