Ристовски: Изградивме систем за целосно стипендирање на образованието на Ромите
Министерството за образование и наука првпат ќе додели 30 стипендии за Роми запишани на редовни додипломски студии во академската 2015/2016 година на јавните и приватните универзитети. Во конкурсот, кој е објавен на веб-страницата stipendii.mon.gov.mk, се наведени условите кои кандидатите треба да ги исполнат, а рокот за аплицирање е до 11 февруари 2016.
Стипендиите се во месечен износ од 5.000 денари и ќе се доделуваат девет месеци. Десет од нив ќе им бидат доделени на Роми запишани во прва година на студии, а 20 стипендии се наменети за редовни студенти Роми кои се запишани во втора и во повисоките години на студирање.
Со тоа МОН го заокружува стипендирањето на припадници на ромската етничка заедница во сите степени на образование, откако се покажале позитивни резултатите од стипендирањето на средношколци Роми во изминатите неколку години, зашто се зголеми нивната вклученост во средното образование.
- Министерството за образование и наука во соработка со Ромскиот едукативен фонд во изминатите неколку години се заложија за изградба на систем за целосно стипендирање на образованието на учениците од ромската националност, што подразбира тие да добиваат стипендии за време на средното образование, но и по неговото завршување, односно продолжување на некоја од високообразовните установи во Македонија. Целта е преку финансиско стимулирање да им се помогне на младите Роми да стекнат што е можно повисок степен на образование и со тоа многу пoлесно да се интегрираат во општеството, рече денеска на прес-конференција заменик-министерот Спиро Ристовски.
Предност при изборот ќе имаат Ромите кои студираат на факултети што продуцираат наставен кадар затоа што тој е дефицитарен во образованието на ромски јазик. Наставници Роми сега се вклучени во редовните основни училиштa само во реализација на изборниот предмет Ромsки јазик и култура и нивниот број е 11, а само двајца професори во средно образование се од ромска националност.
Реџеп Али Чупи, директор на Управата за образование на заедниците, посочи дека новата стимулативна мерка е предвидена во Националата стратегија за Роми и во Акцискиот план за образование чија цел е поддршка на студирањето на судентите Роми.
- Оваа година почнуваме со 30 стипендии за кои е обезбеден буџет од МОН. Во иднина е предвидено овој број да се зголемува. Преку Програмата за стипендирање на средношколци Роми, секоја година околу 40 проценти од вкупниот број завршени средношколци продолжуваат со нивното образование, односно се запишуваат и студираат на некој од факултетите во земјава. Тие преку овој конкурс ќе имаат можност да продолжат да бидат стипендирани и во текот на нивното високо образование, рече Чупи.
Стипендирањето на средношколци Роми МОН го почна пред неколку години и досега стипендии им се доделени на околу 4.000 Роми во средно образование, односно по околу 600 во година. Со таа мерка вклученоста на Ромите во средно образование се зголемила за 60 проценти. Исто така, во последните години се поголем број Роми по матурата продолжуваат на факултет. Како што посочи Чупи, во 1997 година, на факултет годишно се запишувале четворица до пет Роми, а сега по околу 300 Роми се вклучуваат во високото образование.