Продолжува интензивната соработка на Швајцарската амбасада со Министреството за земјоделство, шумарство и водостопанство
Македонија има голем потенцијал за развој на руралниот туризам поради автентичната природа, која, за жал, Швајцарија полека ја губи, оцени швајцарскиот амбасадор во Македонија, Стефано Лазарото на денешната средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.
Лазарето смета дека македонскиот природен потенцијал треба да биде насочен кон подобрување на економскиот развој на руралните средини, пред се на туризмот и на дејностите кои се поврзани со него.
Швајцарската Влада, најавил на средбата Лазарoто, покрај досегашните проекти во повеќе области, ќе го поддржи и секторот шумарство во заштитата на природата и на биодиверзитетот, како дел од процесот за пристапување во ЕУ, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
- Очекуваме дека од средината на идната година ќе почне реализацијата на проектот кој има цел во регионот на Осоговијата да создаде услови за економски развој на руралните средини и тоа преку поттикнување економски активности кои се однесуваат на одржливото искористување на природните ресурси. Во овој проект во наредните 3,5 години, Швајцарската влада ќе вложи 4,5 милиони швајцарски франци, информирал амбасадорот Лазарото.
Димовски се заблагодарил на досегашната помош од швајцарската Влада преку бројните програми за поддршка, а ја истакнал и важноста на експертската помош. Швајцарија, посочил, е земјата каде Македонија извезува најголем дел од органските земјоделски производи. - Имаме квалитетно производство, а законската и подзаконската регулатива се комплетно усогласени со европската. Поставени се стандардите и затоа овој тип на производство во нашата земја во изминативе неколку години доживеа вистинска експанзија. Се надевам дека пласманот на органски производи во Швајцарија во иднина ќе биде уште поголем, укажал министерот Димовски.
Сегашните активности на швајцарската Влада се насочени кон воспоставување нов начин на интегрирано управување со водените сливови, како и на поддршка на секторот за третман на отпадните води. Во тој контекст, главниот фокус на швајцарската Влада во управувањето со водите е сливот на реката Брегалница, преку кој, како што потенцира Лазарото, ќе се унапреди техничката, економската и финансиската одржливост на инфраструктурата, а ќе се подобри и ефикасноста на службите и локалната самоуправа во поглед на третманот на отпадните води. Исто така, додаде тој, во тек е изработка на физибилити студија за изградба на пречистителна станица за Кочани.
Досегашната поддршка на швајцарската Влада се однесува на развој на македонското органско земјоделско производство, заштита на животната средина, а преку СИПП Програмата за трговијата и промоцијата на македонски производи, беа поддржани малите и средните претпријатија за учество на саемски манифестации и други форми на маркетинг. Исто така, во делот на земјоделството, преку ПРЕДА ПЛУС програмата за регионален развој, преку локалните самоуправи во Пелагонија беше поддржано производството на пиперки и на јаболка, како и развојот на руралниот туризам во село Брајчино.
Според Димовски, македонската Влада и МЗШВ посветуваат особено внимание на заштитата на водите, пред се во регионот на Брегалница бидејќи до водата од оваа река се обезбедува наводнување на дел од 4,5 илјади хектари посеани со ориз. За да се подобри состојбата со наводнувањето во овој регион и да се ублажи влијанието на климатските промени, како и за да се подобри состојбата со водоснабдување на населението во овој регион, Владата планира изградба на акумулација.
Швајцарскиот амбасадор и министерот Димовски на средбата изразиле уверување дека денешниот состанок е основа за продолжување на постоечката соработка. Подготовките за потпишување договор за продолжување на соработката меѓу владите на двете земји се при крај, информира министерот Димовски.