Промоција на публикацијата „Право да се има права-правен идентитет, граѓанска регистрација и државјанство“
Сите лица имаат право да бидат евидентирани во книгата за матичната евиденција, право на државјанство и документи за лична идентификација, оти тоа е начинот како тие можат да ги остварат другите права кои им припаѓаат. Заради тоа државата треба да направи напори да ги евидентира сите лица кои досега немаат матични броеви, а потоа и да им помогне да дојдат до лични документи, оценија учесниците на денешната презентација на публикацијата „Правото да се има права - правниот идентитет, граѓанската регистрација и државјанството-клуч кон социјалното вклучување на маргинализираните заедници“.
- Правото на државјанство е основното човеково право и според Универзалната декларација за човековите права секој има право на државјанство и на ниту едно лице не смее да му се одземе државјанството, потенцираше министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Според него, особено засегнати со проблемите за обезбедување документи за лична идентификација се лицата коишто се постојани жители на државата и припадници на етничките малцинства, како Ромите.
- Проблемот на пристапот на Ромите до документи за лична идентификација е воочен во Владата на Република Македонија. Воочувајќи дека проблемот не е од техничка природа и дека е потребна политичка волја да се надмине, се формираше меѓуресорска работна група составена од претставници на Министерството за труд и социјална политика, МВР, Кабинетот на министерот без ресор, Управата за матична евиденција, УНХЦР, УНИЦЕФ, Информативен центар за граѓанско општество, ромски невладини организации и експерти. Работната група подготви препораки до Владата за надминување на овој проблем кои треба да се имплементираат до крајот на 2012, изјави Ристовски.
Тој појасни дека формираните мобилни тимови од МТСП, МВР и Управата за матична евиденција досега регистрирале 229 лица на територијата на Република Македонија кои воопшто не биле запишани во книгите за матична евиденција, односно немале матични броеви.
- Ним им се овозможува правна поддршка да бидат запишани да добијат матичен број, а потоа со помош на државните институции да се пристапи кон обезбедување документи за лична идентификација, рече министерот за труд и социјална политика.
Од Министерството за внатрешни работи потенцираат дека е неопходно за секој граѓанин да постои прецизна евиденција, да се има потврда за идентитет.
- Сето ова е важно, како од аспект на поединецот за остварување одредени права, така и од аспект за заштитата на интересите на државата која има обврска да обезбеди еднакви права и еднаква заштита за сите нејзини граѓани, изјави Надица Велевска, началник на одделот за управно-надзорни работи при МВР.
В.д. шеф на делегацијата на ЕУ, Дитер Тиел се согласува оти лицата кои немаат документ за сопствена идентификација се соочуваат со многу големи проблеми.
- Тие не можат да користат здравствено осигурување, не можат да завршат некакво образование, немаат право на глас, рече Тиел.
Тој додаде оти затоа државата треба да ги искористи своите ресурси да се справи со овој проблем, кој, како што рече, е највоочлив кај ромската популација.
Се проценува дека низ целиот свет 12 милиони луѓе немаат националност или државјанство, поради што не можат да ги остварат своите права.
Публикацијата ги претставува наодите увидени за време на имплементирањето на Регионалниот проект „Социјално вклучување: регионална поддршка на маргинализираните заедници, преку кој проект УНХЦР со поддршка на имплементирачките партнери од граѓанското општество и во соработка со министерствата за труд и социјална политика, за внатрешни работи и за правда обезбеди правна помош на повеќе од 4.300 лица без документи.