Мисајловски: Се градат 123 социјални станови во Гостивар, Кочани и Македонски Брод
За две години во Гостивар ќе бидат изградени нови 70 социјални станови. Покрај во Гостивар, 43 станови за лица од социјални категории се градат во Кочани, а 10 во Македонски Брод, изјави денеска министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.
Во тек на увид на градежните активности Мисајловски рече дека инвестицијата во новата зграда во Гостивар изнесува 84 милиони денари, како дел од Програмата на Владата за изградба на станови за социјално ранливи категории граѓани.
Како што рече Мисајловски, станува збор за зграда со две ламели со 70 станови што ги гради АД за стопанисување со станбен и деловен простор во соработка со Владата на РМ.
- Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ посебен акцент става на решавање на проблемот со социјално ранливите категории граѓани. За таа цел веќе во фаза на изградба се вкупно 123 станови и тоа во Гостивар 70, во Кочани 43 и 10 стана во Македонски Брод, изјави министерот Мисајловски.
Директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов информира дека динамиката на изградба на становите во Гостивар се реализира и пред предвидените рокови.
- Во наредниот период ќе започнеме со изградба на 579 станови во Виница, Пехчево, Скопје, Свети Николе, Струмица и Пробиштип, изјави Грозданов.
Како што информира Грозданов, досега во рамки на Програмата за лица од социјален ризик се изградени 14 згради со 678 станови.