Мисајловски: Интензивна обнова на регионалниот пат во Кривогаштани
Забрзано се одвиваат активностите за обнова на регионалниот пат Кривогаштани - Обршани - Воѓани, инвестиција од 70 милиони денари, изјави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.
Со директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов, Мисајловски денеска беше во увид на градежните работи на овој патен правец во општина Кривогаштани.
- Овој регионален пат е најавен во програмата на Министерството за транспорт и врски. Патот е во должина од 10 километри и веќе 40 насто од работите се завршени. Останатите градежни активности треба да завршат во наредните три месеца, но според динамиката може и многу побрзо. Тоа ќе значи многу за жителите од овој крај и за подобрување на нивниот живот зашто одамна бил најавуван да се обнови, рече Мисајловски.
Паралелно со овие работи, според Мисајловски, од програмите на Министерството за транспорт се одвојуваат средства за инфраструктурни проекти во Кривогаштани.
-Ќе издвоиме дополнителни средства за селото Крушеани. За една недела ќе почнат работите на инфраструктурата во ова село, иинвестицијата е 128.000 евра, што значи во овој дел од годината во Кривогаштани се вложуваат над 80 милиони денари, нагласи Мисајловски.
- Машините за обнова на инфраструктурата, на патишта и водоводи, додаде Мисајловски, се на терен низ цела држава која е едно „големо градилиште“.
Директорот Стојанов нагласи дека за четири локални патишта во Кривогаштани се вложени уште 20 милиони денари.
- Истата делница од 10 километри е веќе обновена од селата Ропотово и Црнилиште во општина Долнени каде инвестицијата е 1,35 милиони евра. Инаку, преку програмата за инвестиционо одржување за „Македонија пат“ лани се вложени шест милиони денари за обнова на патот до Света, Кривогаштани, а оваа година предвидуваме уште три милиони денари на тој дел. Во селото Славеј за осветлување се вложени три милиони денари и сето ова покажува дека имаме одлична соработка со локалните власти во Кривогаштани, изјави Стојанов нагласувајќи дека низ Македонија моментално се работи на 10-ина локални и регионални патишта.
Градоначалникот на Кривогаштани Тони Заткоски нагласува дека овој регионален пат од Кривогаштани-Обршни-Воѓани е многу битен за жителите.
- Патот опфаќа пет населени места со 4.000 жители што е повеќе од половината од населението од целата општина. Во моментов во Кривогаштани во тек се инфраструктурни проекти во вредност од три милиони евра. Половина пари се преку Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта. Изминативе години, преку соработката со овие институции се асфалтирани 17 километри улици, се работеше на канализационата мрежа, а моментално се работи на две такви мрежи во селата Славеј и Крушеани, објасни Заткоски.