Попоски: Пресудата од Хаг од исклучително значење за евроатлантските интеграции
Пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг со која беше констатирано прекршување на Времената спогодба од страна на Грција поради попречувањето на членството во НАТО на самитот во Букурешт, шефот на дипломатијата Никола Попоски го претстави како еден од најголемите успеси на МНР во годинава и ги подвлече очекувањата од позитивните импликации од нејзиното почитување во однос на европските и евроатлантските интеграции за Македонија.
- Со оглед дека противењето на Грција беше единствената причина која што го попречи постигнувањето на консензус по прашањето на нашиот прием во Алијансата, Македонија очекува Грција целосно да го почитува словото и духот на пресудата и дека во согласност со нејзините меѓународно правни обврски таа нема понатаму да го блокира постигнувањето на консензус за наше членство во НАТО, рече Попоски.
Новата Влада во Грција, подвлече, која е техничка по својот карактер, не покажала особена волја за ангажирање на планот на решавање на овој политички проблем, тврдејќи дека има првенствено економски мандат. Но, вели, ако тоа е навистина така не постои причина Атина да не ја почитува одлуката на Судот.
- Секој натамошен обид на Грција за блокирање базиран врз спорот врз името ќе претставува прекршување на меѓународното право и непочитување на одлука на Меѓународниот суд на правдата. Македонија очекува од сите земји членки да посветат должно внимание на одлуката и да ги согледаат сите аргументи за македонското членство во Алијансата. Притоа да се има предвид користа од враќањето на правната сигурност во односите помеѓу Република Грција и Република Македонија што е од исклучително значење, ова го истакна шефот на дипломатијата Никола Попоски при своето годишно обраќање пред собраниската Комисија за надворешни работи.
Тој очекува земјите членки на НАТО што поскоро да ги задвижат механизмите на Алијансата и да го разгледаат прашањето за членство на Република Македонија во светлина на пресудата.
Со отворање на пристапните преговори со ЕУ, пак, вели, пресудата на Хаг може да одигра позитивна улога во надминување на билатералните разлики меѓу Македонија и Грција.
- Добрососедските односи се двонасочна улица која што не зависи од волјата и напорите само од едната страна. Владеењето на правото исто така е едно од централните вредности во европското семејство кон кое ние се стремиме. Имаме полно право да очекуваме дека сите ќе го имаат предвид при носењето на нивните одлуки. Со натамошно одложување на заслуженото барање на преговорите не се придонесува кон решение, токму спротивното. Сметаме дека отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ е фактот кој би создал позитивна клима во овој правец, рече Попоски посочувајќи меѓу другото и на добиената препорака од страна на ЕК по третпат.
Осврнувајќи се на односите со соседите во регионот, министерот Попоски како достигнување ги посочи потпишувањето на договорите со Србија и со Албанија за преминување на границата со лична карта кои ќе почнат да се применуваат по нивната ратификација и најави дека во следната година ќе биде иницирана слична спогодба и со Црна Гора.
Во однос на спорот за името со Грција тој подвлече дека Македонија останува на конзистентниот став за продолжување на дијалогот што се води во рамките на ОН со цел изнаоѓање прифатливо решение. Билатералните односи со САД како стратешки партнер продолжуваат да се развиваат и продлабочуваат, рече Попоски и подвлече оти очекува нивно ефектуирање и преку поддршка за нашите евроатлантски интеграции.
Реализација на стратешките приоритети - членството во НАТО и ЕУ, развивање на добрососедските односи, активности во рамки на јавната дипломатија и грижа за македонските малцинства се меѓу приоритетите за 2012 година кои ги посочи шефот на дипломатијата. Следната година, рече Попоски, Македонија ќе заседава и со Процесот за соработка со ЈИЕ.