Средба Емил Димитриев - Јоханес Хан
Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, г-дин Емил Димитриев, денеска (петок, 14.10.2016 година) оствари средба со г-дин Јоханес Хан, комесар за европската соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија.
На средбата беше истакната значајноста и потребата за членство на Република Македонија во Европската Унија, при што беше истакната заложбата на двете страни за реализација на реформите кои се потребни за унапредување на стандардите кои се од значење за нашите европски интеграции. Претседателот на Владата истакна благодарност до Европската Унија за соработката во процесот на спроведување на реформите.
Соговорниците разговараа за процесот на обезбедување на фер и демократски избори. Премиерот Димитриев истакна задоволство од фактот дека сите политички партии се согласија дека се исполнети сите услови за реализација на фер и демократски избори. Тој додаде дека Владата за спроведување на изборите е фокусирана кон реализација на сите потребни активности кои се од значење за овој процес, притоа нагласувајќи дека изборите на 11 декември се единствено решение за политичката криза и пат кон креирање на политичка влада базирана на волјата на гласачите која ќе функционира во полн капацитет и ќе реализира проекти кои се од интерес за сите граѓани и задоволувањето на нивните реални потреби.
Стана збор и за предизвиците во врска со справувањето со мигрантската криза. Премиерот Димитриев истакна дека нашата земја посветено и одговорно пристапува кон ова прашање, а одлуките во врска со ова прашање ги носи во координација со останатите земји кои се наоѓаат на мигрантската рута меѓу кои се и земји членки на Европската Унија. Еврокомесарот Хан даде позитивна оценка за односот и пристапот на Република Македонија, истакнувајќи дека нашата земја имаше клучна улога во справувањето со предизвиците од мигрантскиот бран.
Претседателот на Владата и Еврокомесарот ги истакнаа своите заложби за продолжување на соработката меѓу двете страни во сите полиња од взаемен интерес.