Буџетот е проектиран за директна поддршка за стопанството и нови работни места
Предлог-буџетот за 2012 година е добро проектиран затоа што во него, за разлика од 2011 година, имаме за 28 отсто зголемување на капиталните инвестиции, што значи директна поддршка за стопанството, со цел отворање нови работни места, потенцира премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, по денешната традиционална годишна средба со лидерите на политичките партии од коалицијата „За подобра Македонија“.
Тој подвлече дека и оваа година за 20 проценти е зголемен буџетот во однос на 2010 година, така што, оцени, имаме веќе континуитет затоа што и во претходните години имавме раст.
- Имаме континуитет во растот на капиталните инвестиции во буџетот, во економијата. Тоа придонесува многу компании да опстанат во овие тешки времиња особено кога ги загубија надворешните пазари. Од тој аспект добро е што секоја година значителното зголемување на средствата во капиталните инвестиции и дури нивната реализација, не само нивно планирање, туку и нивната реализација, расте постојано. Тоа многу ме охрабрува, рече Груевски.
Според него, добро е што имаме низок буџетски дефицит, одржуваме, нагласи, низок буџетски дефицит дури во времиња на најтешка светска економска криза, сега веќе должничка европска криза, 2,5 отсто дефицит е еден од пониските во Европа, така што од тој аспект буџетот е проектиран да ги исполни целите.