Експертска дебата за пречките за економски развој во Југоисточна Европа
Експертска дебата за пречките за економски развој во Југоисточна Европа со цел идентификување на најдобрите политики за обновување на растот и побрзо приближување на регионот кон развиените земји, се одржа денеска во Скопје.
Трибината „Економски модел: Кон кохерентна политика за раст во ЈИЕ“ е во организација на фондацијата „Фридрих Еберт“.
Според Милан Живковиќ од „Фридрих Еберт“ фондацијата има за функција да овозможи соработка меѓу прогресивните партнери и помогне во креирањето нови концепти, стратегии и програми кои ќе водат кон заедничко и кохезивно општество.
- Инклузивните политики не се однесуваат само на мала група граѓани, тие се однесуваат на сите граѓани во Македонија без разлика за кого гласале и во тоа се состои инклузивноста. Мнозинството не смее да одлучува само за политиките кои одговараат на мнозинството, туку треба да одлучуваат за доброто на сите граѓани во Македонија. Тоа единствено може да се направи со вклучување на експертската фела, граѓанското општество и сите индивидуи кои може да придонесат кон таа инклузивност, рече Живковиќ.
Министерот за финансии Драган Тевдовски изрази задоволство што на Економскиот факултет во Скопје денеска присуствуваат многу познати и признати економисти од Европа кои дебатираат за тоа како да се постигне економски развој што ќе значи раст на животниот стандард и повеќе можности за мнозинството граѓани.
- За Македонија основната идеја е дека е потребен модел што ќе придонесе платите да растат на мнозинството граѓани, бидејќи тоа е основата за подигнување на животниот стандард на сите оние кои живеат од својот труд, а немаат приходи од капитал, рече Тевдовски.
Посочи дека е оптимист дека започнува раздвижување на економијата и фирмите влегуваат во економска активност, по долг период на замрзната ситуација.
- Министерството за финансии пушта поврат на ДДВ без никаков застој со цел економските агенти да имаат повеќе приливи да ги откочат плаќањата за да се раздвижат состојбите. Знаеме што правиме и ќе обезбедиме развој на македонската економија, рече Тевдовски.
Прашан како со раст на платите ќе дојде до раст на економијата, Тевдовски одговори дека идејата е да се направи притисок платите да почнат да растат, бидејќи тие од една страна се трошок за фирмите, но од друга страна се и потрошувачка во економијата и ќе биде добро за фирмите. Посочи дека една од првите серија мерки за постигнување на тоа е минималната плата, која ќе прави притисок платите да растат.
Германската амбасадорка во Македонија Кристине Алтхаузер рече дека тајмингот за една ваква регионална дебата е многу добар и важен бидејќи основата на регионалната стабилност е довербата.
- Сметам дека моделите и постапките за имплементирање се на маса. Сега е потребно да се имплементираат, рече Алтхаузер.
Според професорката Милица Увалиќ, главна пречка за брз економски раст за сите земји во регионот е политичката нестабилност и за Македонија е многу важно што ја надмина политичката криза.
- Генерално во регионот е потребна пофокусирана индустриска политика. Во сите земји недостигаат цели каде сакаат да се движат и која индустрија сакаат да се развива. Економските политики се премногу краткорочни. Сите области на реформи што не се спроведени нема да бидат добри ако немате добра државна администрација, рече Увалиќ.