Продолжува спроведувањето на проектот „Мозаик“ за мешани етнички групи во детските градинки
Владата ќе го преземе спроведувањето на проектот „Мозаик“, во чии рамки се формирани мешани етнички групи во детските градинки откако швајцарската Влада најави дека се повлекува од финансирањето заради тоа што изминал временскиот период во кој тој се имплементирал. За таа цел Владата ќе одобри вработување на воспитувачи во градинките кои работеле во рамките на овој проект.
- Неодамна слушнав дека има проблеми со вработувања на одредени број воспитувачки затоа што швајцарската Влада веќе го завршила овој проект. Потребно е Владата да ги преземе вработените и да се издадат согласности за вработување, зошто во спротивност спроведувањето на проектот може да прекине, а со тоа и резултатите кои се одлични, изјави премиерот Никола Груевски при посетата на градинката „25 Мај“ во Гази Баба, клон „Сонце“, во која се имплементира овој проект.
Тој информира дека во разговор со министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески била донесена одлука да продолжи овој проект.
Во овие градинки, додаде премиерот, децата од мали се учат да живеат заедно, да престојуваат заедно, да играат, да се дружат, да коомуницираат.
- Се уверивме дека функционира многу добро, разговаравме со воспитувачите и сметаме дека ова навистина е проект кој Владата треба да го поддржи и да остане трајно во Република Македонија. Државата ќе го поддржи бидејќи тој придонесува во иднина во земјата да има подобар мултиетнички соживот, рече премиерот Груевски.
Проектот се спроведува во девет општини. Во осум од нив тој се спроведува во детски градинки, а во една во училиште.
- Во секоја има по две воспитувачки соодветно на групата во соодвената општина. Очекуваме ова прашање да се затвори во јануари и групите да продолжат да функционираат бидејќи овој проект дава исклучителни резултати, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Тој апелираше до градоначалниците во општините да бидат внимателни и да ги вработат оние воспитувачки кои веќе подолго работат на имплементација на овој проект. Не треба да се случи, рече, на нивно место да дојдат други воспитувачи, бидејќи во постојните многу е инвестирано и имат големо искуство за работата во мешани групи.
Во групите во зависност од потребите има воспитувачки на македонски, албански, турски...во зависност од структурата на населението во општината.
Министерот Ристовски очекува дека ќе треба да се вработат од 16 до 20 воспитувачки, а крајната бројка, како што рече, ќе зависи од тоа дали во средините каде бил намален интересот тој можеби ќе се реактивира.