Владата на Република Македонија ја одржа 23-та седница, на која се дискутираше и се донесоа одлуки по вкупно 51 точка на дневен ред
По предлог на Комисијата за економски систем и тековна економска политика, Владата го разгледа годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2016 година. Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања ја запозна Владата со Информација во врска со одржан состанок во Секретаријатот на Енергетска заедница во Виена, Австрија на ден 09.08.2017 година и притоа истакна дека законот за енергетика треба да биде ставен во приоритетните закони.
Владата го разгледа и годишниот Извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2016 година го утврди мислењето врз основа на заедничкото мислење што Министерството за економија ќе го подготви во соработка со Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, при што да се имаат предвид поединечните мислења на Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство, и го достави во понатамошна процедура во Собранието на Република Македонија.
На седницата се дискутираше и за состојбите во IPA фондовите и нивното имплементирање во контекст на идно подобро и попродуктивно искористување на можностите што ги нудат фондовите преку институциите на системот.
На седницата на Владата беше разгледано финансиското работење на Јавното претпријатие за државни патишта за периодот јануари-март 2017 година. Владата со одлука му наложи на ЈП да одреди надзорен орган и рокови и во кои ќе изврши надзор над извршените работи од градежните компании.
Беше дискутиран и усвоен и извештајот за финансиското работење на ЈП МЖ Инфраструктура, како и годишната сметка т.е Финансискиот извештај и Извештај за работењето за 2016 година на АД за поштенски сообраќај-Македонска Пошта Скопје.
Владата со одлука ги одобри годишните сметки за финансиското работење на двете јавни претпријатија и нивниот финансиски извештај и ја задолжи АД за Поштенски сообраќај-Македонска Пошта Скопје да подготви програма за намалување на непродуктивни трошоци и во рок од два месеци да ја достави до Владата на Република Македонија.
Во текот на седницата Владата ја разгледа и информацијата за прогрес на активностите поврзани со реализација на Проектот за самовработување со кредитирање, Проектот кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места, Проектот за самовработување со кредитирање за млади лица до 29 години и Проектот кредитирање на правни субјекти за отворање на нови работни места за млади лица до 29 години.
Мислењето за овој проект беше дека е со мала реализација според сите анализи, и Владата ја задолжи Агенцијата во рок од 40 дена да изготви заклучок и анализа со точни и прецизни податоци, изразени преку бројки, за да се добие јасна слика за досегашната имплементација на овој проект, и од страна на Владата, беше сугерирано на Агенцијата за вработување да искористи дел од планираните средства за поддршка на плановите на Владата за измените и новите идеи во рамките на овој проект.
На седницата се донесе одлука да го испрати во редовна собраниска процедура Предлог-законот за изменување на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација. Во Законот се предвидени 15 емисии на обврзници за денационализација, а Владата на Република Македонија со одлука годишно го утврдува износот на обврзниците што ќе се издаваат. Годишниот износ се утврдува врз основа на надоместокот даден во обврзници со решенијата кои станале правосилни во тековната година. Со Предлог законот се предлага дополнително издавање на уште три емисии на обврзници за денационализација, со цел исплата на обврзниците кои ќе бидат утврдени со решенијата кои ќе станат конечни во претстојниот период.
На оваа седница Владата го утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за буџетите и буџетските корисници и да го достави до Собранието на Република Македонија, и ја усвои Информацијата за примена на принципот на финансиска транспарентност кај јавните претпријатија со заклучок, во рок од 20 дена да го достават до Владата на РМ .
На седницата министрите дискутираа и за Информацијата во врска со реализацијата на проектот „Рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во градот Скопје“, и се разгледуваа можности и финансиски аспекти на можни варијанти за започнување со проектот со кој главниот град Скопје ќе добие прочистителна станица.
Владата, по дискусијата за оваа точка на дневен ред, го задолжи Министерството за финансии, Министерството за животна средина и Град Скопје, во одредена временска рамка да изготват предлог за изнаоѓање финансиски механизми, кои би довеле до конечно отпочнување на изградба на овој проект.
Во текот на седницата беше разгледана и Информацијата за воведување на втора смена во јавните установи за деца - детски градинки во Република Македонија. За овој предлог Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика да ја информира јавноста за овој предлог и да побара мислење од сите засегнати страни за потребата од двосменско работење на градинките.
На дневен ред на седницата беше дискутирана и Информацијата за текот и прогресот за отварање на центрите за ран детски развој во соработка со УНИЦЕФ во Република Македонија, и го задолжи Министерството за труд и социјална политика на секои шест месеци да ја информира Владата за прогресот на активностите и тоа за: формирани Центри за ран детски развој, број на деца кои ќе се опфатат во Центрите за ран детски развој и број на воспитувачи кои ќе бидат вработени во Центрите за ран детски развој, доколку избраните општини имаат доволно средства во сопствениот буџет за покривање на трошоците за функционирањето на центрите за ран детски развој.
Владата да ја разгледа и усвои Информацијата за прогрес на Проектот „Отварање на народни кујни“ за периодот јануари-јуни 2017 и да ја усвои Информацијата, со новиот текст на заклучоци.
Во текстот се задолжуваат неколку општини од земјава да обезбедат услови, простории за делење храна и транспорт за дистрибуција на храна, во рамките на проектот „Отварање народни кујни“, и за тоа да го известат Министерството до однапред утврден временски рок. Исто така се задолжи Министерството за труд и социјална политика да направи анализа на ефектот од функционирање на народните кујни и во рок од 30 дена до Владата на Република Македонија да предложи модели за подобрување на функционирањето на Проектот народни кујни.
Владата, во денешната дискусија ја прифати и донесе Предлог-oдлуката за изменување на Одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во вежбовната активност „VIGORIOUS WARRIOR”, во Република Унгарија, и Предлог-oдлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во вежбовната активност „JOINT COOPERATION”, во Сојузна Република Германија.