Премиерот Заев дискутираше со младите од Велес: Бидете амбициозни, владата отвора перспективи за нови работни места и повисоки плати

 

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев по средбите што ги оствари со граѓаните и дуќанџиите од велешката чаршија, се сретна и со млади луѓе од Велес со кои дебатираше за новите перспективи што новата влада ги отвора за вработување на младите и мерките за зголемување на платите кои ќе обезбедат достоинствен живот во Македонија.


„Како да отвориме подобри перспективи за сите?! Тоа е мојата секојдневна преопкупација на првото министерско место во владата заради тоа што најгоркиот вкус сиве овие години наназад доаѓаше од безперспективноста на младите, од безработицата кај младите, од заминувањето на младите од нашата земја, од немањето перспективи, неизвесноста во очекувањата. Овие први три месеци главна задача на Владата на Република Македонија беше да ја подослободиме Македонија. Пополека да почне да дише, да се подотворат перспективи, да нема повеќе стравови, закани, фраери по улица коишто црпат моќ од институции или слично за да создадеме најпрво нормална земја.“ зборуваше премиерот Заев пред младите од Велес.


Како главна преопкупација на Владата на Република Македонија, премиерот Заев го посочи креирањето нови работни места за младите луѓе, но не слабо платени работни места туку работни места коишто ќе овозможуваат достоинствена плата со конечна цел таа да изнесува 500 евра до крајот на мандатот. Како што истакна премиерот, тенденцијата е да се алоцираат милиони евра народни пари, кои претходно завршувале или во џебови на политичари, или во недомаќинско работење, сега да завршат во економскиот сектор за одржлив развој на достоинствени плати.


„Мојата посета ја почнав денес во Велес, поминавме по дуќаните и главниот заклучок на сите е дека прометот е низок, народот нема пари, а младите се невработени и за жал нема перпсективи. Оттука младинската политика на владата мора да биде приоритет. Сакам заедно со вас да отвориме неколку теми на коишто заедно сите ќе констатираме дека оваа борба со невработеноста и со ниските плати кај младите луѓе и оние коишто се вработени мора да биде заедничка борба. Владата мора да ги води правците на отстранување на оваа горчина во перпсективноста на младите, а младите мора да бидат амбициозни да се втурнат директно во она што значи мерки за отворање нови работни места и повисоки плати “ рече премиерот Заев.


Премиерот Заев ја објасни мерката Младинска гаранција и рече дека во буџетот се проектирани средства насочени за реализација во три сегменти и посочи дека спроведувањето на оваа мерка во Европската Унија од 2013 година бележи успешни резултати.

 


„Целта на Младинската гаранција е секој млад човек кога завршува со образованието и бара работно место, државата да финансира пари за одреден период од четири, шест месеци, една година за младиот човек да стекне практично искуство, почне со работа,  газдата или менаџерот да нема издатоци, а сите заедно добијат перспективност, тоа значи трајно отворање на работни места. За после одредено време младиот човек да остане на работа, да биде квалитетен за компанијата и мотивиран во вкупниот процент на плати што ќе ги зима за креирање на идните перспективи и создавање на семејство.“ истакна премиерот Заев.


Во однос на оние млади луѓе коишто сакаат да го продолжат своето образование, за магистратури и докторати премиерот Заев рече дека државата директно ќе алоцира средства кон факултетите, но исто така ќе постои можност и за оние млади луѓе кои по завршувањето на средното образование сакаат да отпочнат со работа, ќе имаат можност за тренинг и практично искуство. 


„Заедно со оваа мерка сакаме да ги охрабриме младите за старт ап бизниси. Сами да отворат свои бизниси, да станат сами свои газди, да не чекаат само да бидат негде вработени. Идеите мора да дојдат од вас младите! Имаме намера да поддржиме по 10.000 евра по млад човек којшто има идеја да отвори минимум за себе работно место, ако отвори плус работни места, дополнителна помош и поддршка може да добие од државата.“ , премиерот Заев ги охрабри младите луѓе.


Премиерот истакна дека очекувањата се да се отворат најмногу работни места во приватниот сектор да бидат трајни и доволно стимулативни со повисоки плати за да можат се повеќе млади да се вработуваат во приватните фирми. Како мерка која ќе значи зајакнување на домашните фирми тој го истакна воедначувањето на условите за инвестирање на домашните и странските фирми. 


„Јас доаѓам од бизнис секторот и имам луѓе околу мене коишто работеле во деловниот сектор. И тоа како сме убедени дека може да отвораме квалитетни работни места, но за да тоа се случи мораме пополека и младите да ги насочиме кон нивната подготвеност за работа. Мораме да се насочиме заедно и со локалните самоуправи коишто доаѓаат да го решиме ова прашање. Младите луѓе се единствената моторна сила на секоја држава, а така е и кај нас. Јас знам дека ако сакаме, можеме во Македонија да создадеме добри услови.“ порача премиерот Заев.


Премиерот Заев ги повика младите луѓе своето внимание да го посветат на Македонија, да останат во матичното огниште затоа што набргу сите заедно ќе ги почувствуваат ефектите од една квалитетна понуда на државата за отворање на работни места.  


„Државата е подготвена во првите шест месеци да обезбеди бруто плата, тоа значи нето плата, здравствено и пензиско осигурување, персонален данок за вработување на младите. Кога барате работа, кажете им го тоа на газдите. Има точно 8 милиони и 500 илјади евра во буџетот за поддршка на нови работни места“ појасни премиерот Заев.


Премиерот Заев го заврши своето обраќање пред младите со силно уверување дека доаѓаат добри перспективи за сите граѓани во еден добар амбиент кој ќе овозможи Македонија да чекори напред со успешни политики коишто живот ќе значат за нашата земја.