Влада на РМ: На 7-ми септември пред владата ќе се одржи централната прослава за Денот на независноста - Македонија слободна, слободно живее

Македонија слободна, слободно живее - ова е слоганот под кој ќе се одбележи оваа година Денот на независноста на Република Македонија, 8-ми септември.

 

Активностите започнуваат на 6-ми септември, среда, и тоа со целодневен спортски настан во организација на Агенцијата за млади и спорт на Кејот на Вардар.

 

Ќе се одржат: трка на кеј, одбојка на плажа, еколошка акција и чистење на кејот, ќе се постави на карпа за искачување, а ќе има и корнер за јога и кросфит вежби.

 

Утрото во 10 часот на 7-ми септември, Владина делегација составена од министрите Горан Сугарески, Роберт Алаѓозовски и заменик министерот Дејан Павлевски ќе ја посети реставрираната спомен куќа на Блаже Конески во село Небрегово.

 

Централната прослава за Денот на независноста на Македонија започнува во 17:30 минути во четврток, 7-ми септември со интерактивна уметничка инсталација - изложба на платото пред Владата и внатре во зградата. Владата ги отвара вратите на приземјето од својата зграда за сите заинтересирани граѓани на Република Македонија, каде преку визуелни елементи ќе бидат претставени мотиви од независноста и развојот на државата.

 

Во 18 часот ќе започне детската театарска претстава "Маша и нејзината приказна" - работена по популарната серија "Бајките на Маша". Претставата е од интерактивен карактер, изобилува со музички делови, оригинални костими, а секако присутни се и едукативни моменти.

 

Граѓаните кои ќе присуствуваат на настаните ќе имаат можност да ги гледаат Dancers United, танцово студио за инклузивни настапи на танчери со Даунов Синдром и танчери со типичен развој.

 

Во 19 часот пред Влада на РМ, започнуваат со настап Гудачки квартет ВИВА Стринг, а по нив настапува Хорот при Македонската опера и балет со неколку кратки композиции од Прокопиев, како и изведба на химната на Република Македонија.

 

Обраќањето на Претседателот на Влада на РМ, е предвидено во термин околу 19:30 часот.

 

На централната прослава ќе настапат и повеќе музички изведувачи: Биг бенд на Здружението на џез музичарите на Македонија, Љубојна со специјалниот гостин Џамбо Агушев, Бени и Нон-стоп со специјален гостин Златко Ориѓански, Влатко Стефановски Трио, К’пурдат од Тетово, Шутка Рома Рап и хип хоп артистот Слаткар.

 

Сите активности се од отворен карактер, ги покануваме граѓаните да се приклучат и заедно да го прославиме Денот на независноста на Република Македонија.

 

На самиот 8-ми септември, Ден на независноста се одбележува и со положување свежо цвеќе на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски и пред споменикот „Ослободители на Скопје“ пред Владата, од страна на делегации на Влада на Република Македонија, предводени од премиерот Зоран Заев.