Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани на Република Македонија!
Владата на Република Македонија, која започна со работа на 1 јуни оваа година, денеска ги сумира резултатите од своето работење пред вас – граѓаните на Република Македонија.
Ова се резултати кои се постигнати после една исклучително сложена и кризна ситуација во нашата земја. Од таа ситуација како победници излегоа граѓаните. Влеговме во нова фаза, во која создаваме еден сосема нов политички амбиент во кој доминираат транспарентноста, одговорноста, отчетноста и разумните политики од интерес за сите граѓани.
Зборот е збор! Ја вративме слободата во земјата, го враќаме и животот.
Отчетот за 100 дена влада го правиме во пресрет на Денот на независноста на Република Македонија, празник што ќе го прославиме со повикот „Македонија слободна – слободно живее“!
Заедно дефиниравме дека се бориме за слободен и подобар живот за сите нас, во општество за сите.
Отворивме многу нови процеси. Многу од нив беа незамисливи за нашата политичка пракса. На пример: Декласифицираме тајни договори што ги правеле владата, министерствата, агенциите, дирекциите. Тајното станува јавно!
Откочивме многу закочени, заборавени, а важни активности и работни тела. На пример: Во Собранието на Република Македонија го обезбедивме присуството лично на директорите на безбедносните служби.
Во овие 100 дена не водеа ПЕТ принципи, ПЕТ зададени обврски и важни одредници: Да ги вратиме ПАРИТЕ КАЈ ГРАЃАНИТЕ, да обезбедиме ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ ЗА ПОДОБАР ЖИВОТ, да им дадеме пријателско лице, да ги направиме ИНСТИТУЦИИТЕ ВО СЛУЖБА НА ГРАЃАНИТЕ, во сите наши одлуки граѓаните да препознаваат ОТВОРЕНА И РЕФОРМСКА ВЛАДА, и да ја промовираме нашата земја МАКЕДОНИЈА КАКО ПРИЈАТЕЛ НА СОСЕДИТЕ, која цврсто чекори НА ПАТОТ КОН НАТО И ЕВРОПСКАТА УНИЈА.
Зборот сега е реалност. Дадениот збор се претвори во конкретна придобивка за граѓаните. Оваа влада е влада на граѓаните и на нивните интереси. Ги препознавме тие интереси, и креираме најдобри решенија за нив. И уште повеќе: РЕШЕНИЈАТА СТАНУВААТ РЕАЛНОСТ, ПРЕТОЧЕНИ ВО МЕРКИ ОД ПОЛЗА ЗА ГРАЃАНИТЕ КОИ ВО ИСТО ВРЕМЕ СЕ ИНСПИРАЦИЈА ЗА НОВИ ПОТФАТИ!
Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани, пред 100тина дена почна акцијата за враќање на ПАРИТЕ КАЈ ГРАЃАНИТЕ!
Оваа влада уште на стартот на нејзиното работење се соочи со големиот предизвик да направи ребаланс на буџетот во чие креирање таа не учествуваше.
Наша задача беше да ги лоцираме предвидените непродуктивни, нерационални, непотребни трошоци и да најдеме основа парите предвидени за недомаќински трошоци, да ги пренасочиме кон потребите на граѓаните и кон компаниите.
Немаме намера да го финансираме луксузирањето на државниот апарат. Оваа влада нема намера да затвора пари во непродуктивни трошоци, какви што беа рекламирањето на пропагандата и луксузирањето на високите државни функционери со неконтролирани пари за репрезентации и бесцелни службени патувања. Доста беше!
Оваа влада има намера и цврста определба да се однесува домаќински со парите на граѓаните.
Само со кратење на премиерскиот буџет обезбедивме 420 милиони денари. Заедно со другите ослободени средства од ваквиот пристап, реализираме програми кои ќе се остварат со враќање на парите кон граѓаните со услуги, привилегии и конкретни акции.
- Обезбедивме дополнителни 1245 милиони денари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за да се обезбеди непречена исплата на пензиите и трошоците за вториот пензиски столб, и уште 200 милиони денари за исплата на СИТЕ загарантирани социјални трансфери на граѓаните.
Со измените и дополнувањата на Буџетот за 2017 година обезбедивме средства за:
- Субвенционирање на минималната плата, со цел истата да изнесува 12 илјади денари. Со оваа мерка се опфатени околу 70 илјади наши вработени сограѓани;
- Трајно го решивме проблемот на стечајните работници кои досега не беа опфатени со постојните законски решенија, за околу 3000 лица и нивните семејства;
- Обезбедивме 60 милиони денари за поддршка и на туристичките капацитети во Република Македонија и за годишен одмор за најслабо платените работници.
- Со 9 милионии евра, или приближно 500 милиони денари ги поддржуваме активните политики и мерки за поддршка за нови вработувања и за реализација на проектот „Гаранција за млади“, зашто сакаме да останат во Македонија;
- Обезбедивме 135 милиони за поддршка за малите и средни претпријатија и за поддршка на домашни гринфилд инвестиции. Домаќинското работење ни овозможи да одржиме уште еден збор – започнавме процес на укинување на радиодифузната такса.Почитувани, дозволете ми да укажам и на уште една серија важни одлуки:Оваа влада им излезе директно во пресрет на земјоделците, со низа нови мерки од програмата на владата. Уште во првите 100 дена. Пакет од 10 милиони евра, стигнува во рацете на овоштарите, лозарите, сточарите и пољоделците. Тоа значи и поддршка на домашното производство на храна.Особено важна е мерката за финансиска поддршка од 10.000 евра неповратни средства за млад земјоделец. Тоа се решенија што недвосмислено илустрираат дека секогаш изнаоѓаме креативни програми и мерки со кои парите ќе ги вратиме назад кон граѓаните.
Една таква мерка е и враќањето на евтината тарифа на струјата.
Бевме убедени дека таква можност постои. Со нов, домаќински пристап на работење на ЕЛЕМ и МЕПСО, нивните заштеди ќе бидат пренесени како придобивка за граѓаните на Република Македонија, како што е евтината тарифа на струјата, за сите.
Почитувани граѓани на Република Македонија!
Сите овие одлуки на владата на кои досега потсетив, направени за само 100 дена, се одлуки кои се реално одржливи и кои се спроведуваат врз основа на реални параметри и политики за ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ ЗА ПОДОБАР ЖИВОТ.
Ребалансот на буџетот е направен врз реални проекции и врз развојни принципи.
Ветивме дека во првите 100 дена од мандатот ќе го објавиме вкупниот износ на сите акумулирани обврски на државата кон бизнисот. Долгот го враќаме.
Наследивме огромен, неразумно креиран јавен долг. Со реален пристап и со темелните анализи за излезни решенија, успеваме да го намалиме со раздолжувања и задолжувања со многу помала каматна стапка. Креираме фискални и финансики политики кои ќе обезбедат развојот да го намалува долгот.
Развојот ќе го намалува долгот. Создаваме услови за тоа! Условите што важеа за странските компании, сега ќе важат и за домашните компании.
Со домашните компании ја создаваме новата, успешна, економска приказна за Македонија.
Да споменам само уште некои од мерките со кои обезбедуваме услови за развој на бизнис иницијативите:
- Го зајакнуваме финансискиот и кадровскиот капацитет на Агенцијата за поддршка на претприемништво, за координација и спроведувањето на политиките за развој на малите и средни претпријатија.
- Македонската банка за поддршка на развојот се докапитализира, за да се зголеми кредитната поддршка и нејзината способност за реализација на гарантната шема.
- Донесовме мерки за да ја спречиме нелојалната конкуренција и да ја зајакнеме вистинската контрола на производите.
Добивме целосна попддршка за промените во казнената политика. Инсистираме во темелот на оваа политика да биде превенцијата, а не казнената репресија.
Создаваме клима за правна сигурност во која сопствениците и работодавците ќе бидат заштитени од притисоци и стравови.
Политиките на владата во енергетиката, транспортот и инфраструктурата добија целосна поддршка на Самитот во Трст. Еден од резултатите во Трст е Договорот за основање на транспортна заедница на Западен Балкан, проект кој овора исклучителни поволности за ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ И ПОДОБАР ЖИВОТ.
Создаваме добри приказни. Самитот во Трст е добро научена приказна: Регионалната и добрососедската политика секогаш даваат резултати. На пример: Меморандумот за соработка за железничко поврзување со Република Бугарија, како конкретен резултат на Договорот со Бугарија за соработка, пријателство и добрососедство, обезбеди 70 мил евра грант за изградба на пругата кон Република Бугарија како дел од Коридорот 8.
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Досегашните и идните успешни политики на оваа влада се резултат на определбата да ги ставиме ИНСТИТУЦИИТЕ ВО СЛУЖБА НА ГРАЃАНИТЕ. Да обезбедиме институциите да се претворат во сервис, за подобар живот на граѓаните. Во интерес на граѓаните, пред сѐ!
Како прво, дозволете ми да укажам на фактот дека сега медиумите имаат можност брзо, и со непосредни информации, да ѝ ги пренесат на јавноста активностите и одлуките од нашата работа, благодарение на редовниот неделен брифинг со новинарите и уредниците. Директно, од извориштето на информациите, со можност веднаш да добијат одговори на сите нивни прашања. Даваме точен одговор на секое прашање, во најбрз можен рок. Достапни сме, отворени и отчетни.
Во одредени министерства, како на пример во Министерството за труд и социјална политика, е воведен “Отворен ден со граѓаните”, секој петок од 9 часот до 13 часот.
Владата ги скрати, поедностави и поевтини постапките за повеќе сервисни услуги за граѓаните, особено од социјалните, матичните служби и управните служби.
Ги слушнавме пораките на граѓаните и на бизнис заедницата, и од 1 септември започна да се применува одлуката новото работно време и двосменско работење во јавната админстрација, како и во градинките.
Го укинавме екстерното испитување. Започнаа темелните промени на образовните програми.
Го зголемивме минималниот број денови за консултации на Единствениот национален електронски регистар на прописи, од 10 на 20 дена. Со тоа им дадовме на граѓаните и на бизнис заедницата двојно повеќе време за учество во јавната расправа за придонес за подобрување на предложените закони и прописи уште во фазата на донесување.
Го продолживме рокот за легализација на бесправно изградените објекти.
За да дојде до израз целосно принципот ИНСТИТУЦИИТЕ ВО СЛУЖБА НА ГРАЃАНИТЕ, и тоа на сите граѓани, ја отпочнавме и подготовката на Националната стратегија за соработка со дијаспората, со цел приближување на дијаспората со Република Македонија, и развивање на соработка во повеќе области.
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Дадовме збор дека оваа влада ќе биде ОТВОРЕНА И РЕФОРМСКА. Пред сите вас, на 5 јули, го презентиравме Планот 3-6-9.
Денеска, само по два месеци, на 5 септември, соопштуваме:
- Владата даде конкретна поддршка на Државната изборна комисија за зајакнување на нивните капацитети пред одржувањето на локалните избори. Го реши статусот на дел од вработените и обезбеди простор за трајно користење на комисијата.
- Ги направивме сите потребни подготовки за поддршка на фер и демократски изборен процес, со јасни упатства кои даваат насоки за секој владин функционер и вработен во државните институции што мора да се избегнува во време на предизборието и кои се последиците од непочитувањето на Изборниот законик. - Владата се обврза дека задолжително и детално ќе ги објаснува сите законски предлози и дека ќе понуди неделна можност за поставување на пратенички прашања. Владата се стави на располагање на Собранието за воспоставување ефективен, редовен и рутински надзор врз разузнавачките служби.- Го усогласивме и усвоивме текстот на Законот за јазици којшто го затвара и последното отворено прашање од Охридскиот рамковен договор.
- Го подобривме концептот за соработка меѓу Владата и граѓанските организации.
- Сега секој има увид во работата на Владата. Пред секоја седница го објавуваме дневниот ред, а по секоја седница објавуваме извештај/записник од суштинските одлуки донесени од Владата.
- Во постапка е утврдување на конечна верзија на нацрт
- Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за реформите во медиумите.
- Ги прекинавме владините реклами кои беа назначени од домашните и меѓународните фактори како извор на притисоци и контрола врз медиумите, а ќе ги објавиме сите досегашни трошоци за овие реклами.
- Изготвен е преглед на сите случаи на застрашување, притисоци и говор на омраза против новинарите, за да се поттикне слободното новинарство и да не се повторуваат такви практики во иднина. Владата ги прави достапни и бесплатни информациите од Централниот регистар и од Катастарот за новинарите кои работат истражувачко новинарство.
- Ги декласифицираме и информациите кои се однесуваат на службени патувања, репрезентација и доделување на државна помош за странските компании. Не може да има штета ако јавноста има поголем увид како Владата располага со парите и ги заштитува интересите на граѓаните.
- Формирани се сите потребни работни групи за изготвување на најважните законски решенија, како и Советот за спроведување на реформи на правосудството , а оваа недела ќе биде завршена и подготовката на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор.
- Владата обезбеди поддршка за зајакнување на кадровските капацитети на народниот правобранител,
- Се усовршуваат системот за борба против тероризмот и активностите за реформи во безбедносните и разузнавачките структури согласно меѓународните стандарди и препораки.
Планот 3-6-9 не враќа на брзата трака во евроинтеграциските процеси за да ја промовираме Република Македонија како ПРИЈАТЕЛ НА СВОИТЕ СОСЕДИ, ЗЕМЈА КОЈА ОДИ ЦВРСТО ПО ПАТОТ КОН НАТО И ЕВРОПСКАТА УНИЈА!Во овие 100 дена, немаше ден без средба со нашите пријатели од меѓународната заедница. Сите наши партнери и пријатели ни дадоа безрезервна поддршка. Сите ја препознаа нашата определба и цел: Македонија да биде прифатена, да се гледа на неа како на ПРИЈАТЕЛ, на ПАТОТ КОН НАТО И ЕВРОПСКАТА УНИЈА!
Република Македонија стана посакуван партнер, партнер со кој вреди, со кој треба, и на кој може да се смета во предизвиците на меѓународната, на регионалната или на меѓусоседската политика.
Потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија покажа дека таму каде што има политичка волја и идеја за прогрес, прашањата ќе се решат.
Oвој договор е инспирација и модел за соработка за регионот и пошироко. Тоа е така, зашто оваа влада се определи да води политики на решенија, а не на проблеми.
Овој наш став е втемелен и во реафирмацијата на односите со Република Грција. Само позитивен пристап во решавањето на отворените прашања меѓу државите, со меѓусебно почитување и разбирање, е иднината на регионот.
На Самитот на Западен Балкан во Трст, во рамките на Берлинскиот процес, со поддршка на Европската Унија, проактивно учествуваме во иницијатива која ќе ја смени сликата, историјата, но и економијата и стандардот на граѓаните во земјите на регионот. Од место што продуцира кризи, во регион на безбедносна стабилност. Признанието што таму го добивме од Андреа Меркел, од Борис Џонсос и од Емануел Макрон е недвосмислено.
Односите со Соединетите американски држави, со воената вежба на Криволак, ги поставивме на ново квалитетно рамниште на глобален безбедносен план. Средбата со американскиот потпретседател Пенс, во Подгорица, беше нова афирмација за нашата НАТО аспирација.
Поддршката за цврстата определба на реформската Влада на Република Македонија и за враќање на земјата на патот на европските интеграции, безрезервно пристигна и од Кралството Шведска и Кралството Норвешка, преку заедничка Декларација за партнерство и соработка со Владата на Република Македонија. Република Финска несебично ја понуди својата понуда за асистенција во реформите во образованието, повторно заради реформскиот профил на владата.
Вчера од Израел се вративме со нов ветар во едрата. Реформскиот курс на нашата влада отвора сериозни перспективи за соработка и со оваа земја.
И оваа посета беше придонес за нашата определба на Република Македонија да се гледа како на ПРИЈАТЕЛ и ПАРТНЕР, на ПАТОТ КОН НАТО И ЕВРОПСКАТА УНИЈА!
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Како што веќе споменав, Владата ги подготви сите неопходни услови за фер и демократски локални избори. Влегуваме во завршницата на уште еден израз на слободната волја на граѓаните – локалните избори. Тое е новата сцена на која оваа влада докажува дека ги враќа довербата во институциите, дека го враќа животот. Создаваме општество еднакво за сите, за сите граѓани на оваа земја. Создаваме услови за младите да останат и да работат тука, во оваа наша убава Македонија.
Ја препознавме разбудената надеж кај граѓаните. Решени сме да го вратиме достоинството кај човекот. Ова е влада на граѓаните и влада за граѓаните.
Ова е влада од збор. Оваа влада е реформска и отворена и води суштинска политика.
Зборот е збор!
Одговори на новинарски прашања,
Медиуми : Го споменавте декласифицрањето на договорите и заложбите на оваа влада и промовирање вредности како транспарентноста, но не сите претставници на институциите што се овде ги почитуваат овие заложби. Моето прво прашање е до министерот Бектеши но и до вас, и се однесува на рудниците.
Господине Бектеши дали конечно ќе го отворите договорот со Еуромакс, бидејќи одбивте да ни го дадете со образложение, дека погрешно ќе ги толкуваме податоците, и прашање број два до премиерот Заев: Многу граѓани во источна Македонија стравуваат дека оваа наша Македонија, како што рековте, нема да е толку убава доколку се реализира планот за тие инвестиции и тие рудници во источна Макеоднија, каде што е нашата храна, нашите природни ресурси.Вие тоа најдобро го знаете, доаѓате од престолнината на земјоделието.Кој е ставот на владата во врска со изградбата на рудниците?
Зоран Заев: Денеска ќе одговарам јас на сите прашања, поради тоа што ќе биде комплицирано сите министри да одговараат, но сите продолжуваат со презентацијата на тоа што е реализирано во делокругот на нивното работење. Ќе може да добиете одговор и од министерот Бектеши, и од сите минисрти во владата, верувам тоа повторно ќе биде во прилог на транспарентноста. Сите овие прашања ги координираме заедно, и буквално ниту еден министер самостојно не ги носи одлуките, тоа се генерално се владини концепти. Прво знаете дека оваа влада е декларирана како влада на граѓаните и за неа нема поважно од животот и здравјето на луѓето. Не постои нешто што ќе остане тајна во оваа земја, а притоа пак, да не зборуваме ако тоа допира во животот и здравјето на граѓаните. Соодветно сите информации ќе бидат достапни, да бидат изанализирани во соодветните постапки. Но редот е, прво вака, новите раководства на институциите, прво да ги согледаат сите правно-формални аспекти, затоа што веднаш кога ќе го дадеме договорот ќе следуваат и прашањата. Ред е да бидат подготвени и за тие прашања. Гледате дека нашиот официјален став е на страната на граѓаните, на страна на референдумите. Некаде референдумите успеваат, некаде не успеваат. Тоа не значи дека ако некаде референдумот не е успешен, дека владата ќе се откаже од заштита на императивните вредности, а тоа се, здравјето, животот и перспективите на граѓаните, притоа почитувајќи го Уставот и законите на Република Македонија.
Од тој аспект сакам да очекувате комплетно транспарентен процес и постапки, и само да надополнам, ако одредена карика, одредена институција, без разлика дали е министерство, дали е јавно претпријатие, државна агенција или слично, не ви даде информација, ве молам да се обратите овде, во владата, прво кај министерот задолжен за транпарентноста и соработката со медиумите, и на крајот како конечна инстанца, ви стојам јас на располагање, за да можат токму медиумите, кои што се совеста на ова наше општество, да ги добијат сите неопходни инфомрации.
Медиуми: За време на референдумите беа забележани серија притисоци врз граѓаните, дури и од претставници на дипломатски претставници во Република Македонија. Ваш коментар!
Зоран Заев: Притисокот е понезгоден од актуелните градоначалници и нивните структури, отколку од претставниците на странските дипломатски претставништва. Будно го следевме овој процес, и секако, се документираат сите активности за законски недозволени дејствија кои што се превземени од било кој врз граѓаните на Република Македонија.
Има индикации за кои што зборуваа граѓаните, некаде дури и пред камери, а некаде зборуваат и пред институциите, но постапките треба да бидат оформени, мора да се заокружат со докази. Секако, во делот на разговорите, се знае граѓаните каде реба да пријавуваат. Дел одат во министерството за внатрешни работи и важно е да се обезбедат доказите за оваа работа. Доказ не е само давање на пари, закана или слично, доказ е и директно влијание врз граѓаните со законски недозволени мерки. Сакам да знаете дека сме целосно насоени во сите овие постапки, ги собираме сите овие информации и докази, и нема да останеме неми посматрачи, ако не поради друго, токму поради тоа што еден дел, јас, мојата политичка партија, но и многу луѓе кои што денеска се чинители во оваа влада, беа навистина цел на вакви незгодни репресии во периодот наназад во Република Македонија.
Медиуми: Господине Заев, велите дека со законот за јазици се затвора последното отворено прашање на Охридскиот договор. Имате ли гаранција од коалиционите партнери, од ДУИ, Алијансата на Албанците, дека ова е навистина последното отворено прашање?
Зоран Заев: Читајќи го Охридскиот рамковен договор, кој што е преточен и во Уставот на Република Македонија, ова е последното легалистичко прашање кое што во форма на закон се затвора.Кога одите по затварањето на отворените прашања, ние официјално стоиме како влада, дека е последно отворено прашање. Но,Охридскиот договор има дух. Тој дух вели рамномерна застапеност на граѓаните во сите институции дури и во приватниот сектор. Сите да бидеме подеднакво вклучени и затоа треба и понатаму да водиме грижа, дури и ако се исполни и ова, рамномерната застапеност на сите во институциите. Може во одреден период и да падне застапеноста за сметка на било која заедница, Ние мора да водиме грижа во секојдневните политики, како општество, во реализацијата на ова прашање.
Ова е заеднички став и Охридскиот рамковен договор постои поради граѓаните. Тие се тие, кои ќе ни кажат ако одредено прашање, за кое што владата мисли дека е затворено, сеуште е отворено. Ние сме отворени за сите дискусии кои што граѓаните ќе ни ги укажат како на влада.
Медиуми: Господине Заев, Зошто владата се одлучи предлог-законот за употреба на јазиците да го достави во собранието со европско знаменце, а не во редовна процедура?
Зоран Заев: Поради тоа што е дел од националната програма за усогласување на законодавството на патот кон реформите и кон нашата интеграција кон Европската Унија. Тоа е дел од планот 3-6-9, и е многу логично да биде со европско знаменце. Тоае делод националната програма за усогласување со европското законодавство. Знаете, колку Европа дава важност на различностите кои што се вградени како темелни вредности, во Европската унија, и затоа тоа е логично да се случува. Еве, дебатата овие денови почнува во комисиите, ќе се случува и во делот на пленумот. Јас очекувам навистина ова важно прашање за моите сограѓани од албанска етничка заедница, а и за нашите сограѓани од турската, ромската, влашката, бошњачката, српската и сите останати етнички заедници да се донесе низ еден транспарентен процес со многу искрени намери.Во рамките на Уставот на Република Македонија конечно да го донесеме на транспарентен начин Законот за унапредувањето на употребата на јазиците во Република Македонија.
Медиуми: Г-дине Заев, имам две кратки прашања до вас. Првото се однесува на надворешната политика. Рековте дека имавте голем број на меѓународни средби. Дали на овие средби сте оптимист за брзо решавање на спорот со името, по потпишувањето на Договорот со Бугарија забрза интеграција на земјата во НАТО. И второто прашање, како го оценувате работењето на министерот Таравари и неговата одлука да се повлече од позицијата во овој момент?
Зоран Заев: По основ на првото прашање, верувам сме доволно транспарентни, секаде зборуваме за перспективите на Република Македонија. Прво ми е драго што сите политички партиципиенти, и огромно мнозинство од преку 75% од граѓаните стојат на определбата НАТО и ЕУ и за тоа не постои алтернатива во Република Македонија. Јас сум исто така убеден дека денеска има, и тоа како има, поголеми перспективи за решавање на ова чувствително прашање, проблемот кој што Република Грција го има со нашето уставно име. Зошто? Поради пријателскиот однос. Во најмала рака нема провокации кои што беа декларирани од Грција дека се случувале од Република Македонија кон Грција. Нема. Градиме пријателски однос.Еве се случија двете посети на министрите за надворешни работи, на Атина и на Скопје. Навистина по двете средби пријателскиот однос е созададен. Тоа не е и решение. Но, еден чекор е направен понатаму. Верувам дека под медијаторство Метју Нимиц, во ноември, декември, јануари, фебруари, веќе ќе имаме и нови решенија за разгледување на овој проблем, а нашиот став останува непроменет. Заедно со опозицијата ќе навлеземе во решавање на ова прашање, каде што и заедно ќе излеземе на референдум кој што ќе биде конечен, како конечна одлука на граѓаните на Република Македонија. Јас би сакал уште вчера да беше решено ова прашање, би сакал и претходната влада да можеше да го реши. Меѓудругото, знаете дека многу често бев и предавник затоа што апелирав владата да посегне, со наша поддршка, како тогашна опозиција, во решавање на ова прашање. Се немаше сила и храброст. Јас верувам дека храброст има оваа влада, но секако во консензус со опозицијата, мора да навлеземе во решавање на овој горлив проблем.
Во делот на ова што станува доста актуелно, верувам деа може да се случи и некои други министри и заменици министри да бидат кандидати за градоначалници. Пред сѐ како премиер ја почитувам политичката волја на партиите, на коалиционите партнери кои што се во владата и нивната определба и решенија со кои тие ќе излезат, како понуда, пред граѓаните. Во исто време го споделувам и ставот дека секој избран и именуван функционер на владата на Република Македонија, покрај политичката има и морална и етичка одговорност за својата работа пред граѓаните на оваа наша земја. Владата на република Макеоднија им гарантира на сите граѓани дека сите министерства и останати владини институции ќе работат во целосен капацитет, пред, за време и после локалните избори.
Јас сум повеќе од задоволен од работата на сите министерства, вклучително и од работата на министерот Арбен Таравари.
Медиуми: Споменавте дека во моментов се работи на реформи во правосудството.Дали тоа значи дека наскоро може да очекуваме и реизбор на судии и какви се вашите очекувања од основното јавно обвинителство со фактот дека Зврлевски повеќе не е таму, меѓутоа неговиот тим сеуште остана во обвинителството. Дали очекувате да си ја заврши добро работата?
Зоран Заев: Јас верувам дека полека паѓаат стегите и прангите кои што беа врз правосудството. Пред сѐ поради тоа што заврши едно време кое што беше типично за притисоци и закани врз правосудството од страна на извршната власт, а буквално и недвосмислено е настапено ново време кое што нема никакви допирни точки со работењето на судството и Јавното обвинителство на Република Македонија, односно обвинителите и судиите можат да носат одлуку согласно закон, Устав и сопствено убедување. Во тој дух јас очекувам секој да си ја врши работата во Република Македонија. Ние како извршна власт својата. Правосудството како судска власт, својата работа.
Таму каде што има докази да се процесуираат предметите, таму каде што нема докази да се престане со истраги. И апсолутно очекувам тоа да почне веднаш, иако се во најава рефоми во правосудниот систем. Истовремено негувам надеж дека ослободено од Марко Зврлевски, Јавното обвинителство е подготвено, без било какви стравови и предрасуди, и без било какви резерви, веднаш да постапува по можни недозволиви активности во предизборието, за време на кампањата и за време на изборниот ден. Апсолутно, на Македонија не и треба ништо помалку освен регуларни, кредибилни, фер и демократски избори.
Значаен чинител е овде Јавното обвинителство. Законите добро ги пропишуват казните и мерките.Тоа мора да важи за сите во Република Македонија, без разлика дали се тоа активисти, политичари, на партиите од власта или на партиите од опозицијата, оодносно мора да важи еднакво за сите граѓани на Република Македонија. Реформските процеси почнуваат преку стручни тела, преку совети. Јас ги очекувам на дебата стратегиите коишто тие ќе ги носат, сите планови коишто ќе се случуваат во периодот што претстои. Како демократ човек очекувам навистина нашата стручна јавност од областа на правосудството ќе даде добри механизми коишто реално и меѓународната заедница ќе ги препознае како модерни тенденции на правосудството во сите земји во ЕУ, а реално имплементирачки овде во Република Македонија.
Медиуми: Во вашата изјава во Израел велите има голем потенцијал за безбедносна соработка со Израел? Би сакала да знам во што се состои таа безбедносна соработка и во истите рамки прашање, го видовме на екраните на вестите, и Зоран Верушевски беше со вас во Израел. Би сакала да знам во кое својство беше тој со вас?
Зоран Заев: Професорот Зоран Верушевски беше со мене како советник за национална безбедност на Премиерот на Република Македонија. Тој тоа го работи. Ангажиран е од Владата на Република Македонија и токму по таа функција беше присутен заедно со нас кадешто одржавме доста квалитетни состаноци со високи претставници на државата Израел. За безбедноста и делот на соработката во безбедноста, зборуваваме за перспективите. Значи не зборувавме за минатото, заради тоа што верувам дека има институции и служби коишто воспоставиле соработка и било што што сеоднесува на минатото можат взаемно да го расчистат. Ние бевме таму да зборуваме за перспетивите. Како што знаете, а верувам и дека поголем дел од граѓаните знаат, Израел е значајна точка на регулација на бранот на бегалците коишто доаѓаат токму од тој дел на светот вклучувајќи дури и Сирија, Иран, Ирак, но и од африканските земји. Во тој дел нашите разузнавачки служби треба да разменуваат информации, мораат и системите за безбедност истотака меѓусебно да разменуваат информации заради тоа што преку размената на информации двете земји поуспешно ќе се вградат во колективниот систем за безбедноста. Како што знаете во делот на бегалците многу често е скриен и стравот од можни екстремизми, радикализми и можни тероризми. Било каде.Израел е земја која често знае да биде цел на напади на ваквите терористички активности. Македонија, сенадевам, никогаш нема да биде, но не е на одмет да биде секогаш подготвена со вакви искуства коишто може да бидат пренесени од државата Израел во Република Македонија.