Влада на РМ: Усвоена декларација за слободни и фер избори со препораки за државните службеници; Изјава за силна поддршка за континуирана примена на етичкиот кодекс за медиумско известување; 11 точки за унапредување на состојбата со македонскиот јазик

На денешната, 26-та седница, Владата на Република Македонија ја усвои Декларацијата за слободни и фер избори, како темелна вредност која произлегува од членот 22 од Уставот на Република Македонија, според кој, секој полнолетен граѓанин има избирачко право кое е еднакво, општо и непосредно, кое се остварува на слободни избори со тајно гласање.

Согласно оваа декаларција, владата им препорачува на сите носители на јавни и државни функции, како и вработените во органите на државната управа да ги преземат сите неопходни законски мерки, како и политички и институционални чекори, за да го гарантираат неприкосновеното избирачко право на секој граѓанин и да обезбедат почитување на принципот на тајното гласањеза да може гласачите слободно да гласаат, без страв или заплашување.

Владата им препорача на сите носители на јавни и државни функции, како и вработените во органите на државната управа треба да обезбедат изборниот процес да се одвива непречено за да се избегне измама или друга незаконитост, и да ја одржат неговата безбедност и интегритет.

На оваа своја седница Владата на Република Македонија изразувајки цврста заложба за почитување на неприкосновеното избирачко право и непреченото спроведување на изборниот процес ја усвои и изјавата за изразување силна политичка волја и поддршка на владата и на нејзините институции за континуирана примена на етичкиот кодекс за медиумско известување, како за силно охрабрување на примената и почитувањето на системот за медиумска саморегулација.

Правото на медиумите и на новинарите слободно и непречено да известуваат и да истражуваат, владата денеска го поддржа со уште една мерка со која им на медиумските работници им се овозможува право на бесплатно користење на услугите на Централниот регистар и на Агенцијата за катастар на недвижности. Со оваа своја мерка, Владата на Република Македонија им излезе во пресрет на барањата на новинарите и на новинарските здруженија и обезбеди слободен пристап до извори на информации од посебно значење за истражувачкото новинарство.

На денешната седница, владата ја разгледа и усвои Информацијата со предлог-мерки за унапредување на состојбата на македонскиот јазик. Предлог мерките опфаќаат 11 точки од особено значење за унапредувањето на состојбите на македонскиот јазик кои се однесуваат на основање на Фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети за отворање и одржување на лекторите по македонски јазик на странските универзитети во ЕУ. Овој фонд предвидува лекторатите да станат дел од Македонитичкиот центар на Ууниверзитетот „Свети Кирил и Методиј“, како и основање на уште еден фонд за поддршка на изработка на научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области.

За овие и останатите мерки за унапредување на состојбата на македонскиот јазик, владата го задолжи Министерството за култура да ги спроведе сите активности предвидени со оваа иницијатива.

Владата на Република Македонија го прифати предлогот на Генералниот секретаријат, сите идни менаџерски договори кои се однесуваат на уредување на односите и обврските на директорите на државните и јавните институции, претходно да бидат доставени до Владата на Република Македонија на запознавање, односно на одобрување, пред негово потпишување.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, владата денеска ги усвои Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2017 година, со дополнување кое одредува дека корисници на овие мерки можат да бидат оние правни и физички лица кои не користеле други владини мерки за вработување. Овој оперативен план за активни мерки за вработување предвидува голем број поволности за вработување на различни целни групи од невработените, како и програми за самовработување, програми за старт-ап бизниси за млади, и програма за самовработување на лицата со инвалидност.
На иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, владата денеска ја усвои мерката за времено вдомување на 33 семејства од ромска националност и го задолжи министерството да продолжи да бара можности за трајно вдомување на овие лица.

Владата денеска ја разгледа и усвои информацијата за спроведена проверка на законитоста на процесот на вработување од денот на распишување на предвремените парламентарни избори до денот на изборот на Владата на Република Македонија. На седницата е донесена одлука задолжуваат сите министерства најдоцна во рок од 15 дена да извршат проверка на податоците и да изготват интегрирани евиденции на податоци што се однесуваат на вработувањата во овој период во министерствата, како и во органите во состав на министерствата, а Државниот управен инспекторат и Државниот инспекторат за труд веднаш да поведат постапки за вршење на вонреден инспекциски надзор за примената на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор во однос на постапките за вработување спроведени во периодот од денот на распишување на предвремените парламентарни избори до денот на изборот на Владата на Република Македонија во сите институции, установи и органи што ги применуваат Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор во постапките за вработување на јавни службеници.

 

На предлог на Министерството за здравство, министрите во владата денеска ја рагледаа и ја усвоија Предлог-програмата за изменување и дополнување на Програмата за трансплантација во Република Македонија за 2017 година, како и повеќе барања за одгледување на Cannabis во медицински цели.

Владата денеска ја разгледа и информацијата за воспоставување одржливост на националниот одговор на ХИВ во Република Македонија во рамките на буџетот на Министерството за здравство, како обврска преземена во рамките на препораките на Глобалниот фонд за борба против ХИВ/СИДА.

На денешната седница е усвоена и информацијата за подготовката на Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци на Министерството за здравство, со сугестија во подготовките на овој закон да се земе предвид можноста компаниите од оваа дејност да не ја продаваат сировината од канабисот, туку од маслото да се прават фармацевстски производи, како и да се проварат можностите за дополнителен фискален придонес од оваа дејност.

Владата денеска како позитивна ја оцени денеска иницијативата на група пратеници во Собранието на РМ за Предлог-закон за изменување на Законот за регистрирање на готовински плаќања. Со новото предлог законско решение, се бара да се овозможи на даночниот обврзник, кај кого е констатирана незаконитост, да нема забрана за вршење на дејност во деловната просторија во траење од 15 дена, туку да се овозможи непречено работење веднаш по плаќањето на казната за прекршокот. Владата заклучи дека оваа мерка е во согласност со определбите на владата, казнената политика да биде превентивна, а не репресивна и препорача натамошно унапредување на овие мерки.

На денешната седница на владата беше разгледана и информацијата за реализацијата на манифестацијата „Нов културен бран“, како и информацијата на Организацискиот одбор за програмата за прослава на државниот празник 8 септември – Ден на Независноста на Република Македонија.