Мицкоски: Влада направи сѐ што можеше нивото на реализација на капиталните инвестиции да го зголеми, оваа година капиталните инвестиции ќе завршат на ниво поголемо од 70 %

„Капиталните инвестиции оваа година ќе завршат на ниво поголемо од седумдесетина проценти, од тоа што беше предвидено и планирано. И мислам дека секогаш може да биде подобро, но оваа беше изборна година, првата половина беше таква каква што беше. Ценам дека оваа реализација е сосема коректна. И навистина би рекол дека новата Влада направи сѐ што можеше нивото на реализација на капиталните инвестиции да го зголеми. 

Следната година е година каде што е предвиден рекорден буџет за капиталните инвестиции, не само за државните и владини проекти, туку и за општинските проекти. Тука, секако морам да ја споменам и поддршката кон економијата, директна којашто ја даде Владата. Односно онаа поддршка за инвестициите на економските оператори од 2,5 милијарди денари, што е поголема од 2022 и 2023 година. Исто така,  2,5 милијарди се дадени преку ТИРЗ. Тука да не го заборавиме и оној кредит со 1,95 проценти каматна стапка, којшто од јануари веќе ќе биде достапен на македонската економија. 

Така што, мислам дека како Влада покажавме и докажавме дека сакаме да бидеме пријатели кон стопанството. И она што е најважно, стопанството се ослободи, а тоа го покажуваат првите индикатори, нема веќе политички моќници, голобради момчиња коишто купуваат трговски центри, сватови коишто возат Ролс Роис, луѓе коишто дивеат во акционерски друштва и јавни претпријатија, како што тоа беше во минатото. Нема уцени, нема преземање бизниси, нема проценти од јавни набавки и така натаму, и така натаму. Доколку вие, еве ве повикувам вас медиумите, почувствувате дека има било каква индикација дека такво нешто се случува. Ве молам да кажете и јавно тоа да го соопштите. Но, ова е веќе седми месец што го гледам, таков тип на појава нема. И тоа е најважното. Дека конечно се чувствува слобода во воздухот, после сиот оној притисок којшто во изминативе седум години постоеше.“, изјави претседателот на Владата, Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа како е задоволен од реализацијата на капиталните инвестиции оваа година.