Професор Људмил Спасов: Владата усвои 11 мерки за унапредување на состојбата на македонскиот јазик

Владата на Република Македонија на својата 26-та седница усвои повеќе мерки за унапредување на состојбата на македонскиот јазик коишто опфаќаат 11 точки од особено значење за унапредувањето на состојбите на македонскиот јазик.

 

По повод донесувањето на мерките за унапредување на состојбата на македонскиот јазик, денеска во Владата на РМ, се одржа прес конференција на која за значењето на оваа значајна иницијатива зборуваше проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик.


Во своето обраќање пред новинарите професор Спасов истакна дека овие мерки, меѓу другото, имаат за цел да ја подобрат јавната комуникација од аспект на македонскиот јазик, образование за јазикот на сите рамништа, научното проучување на македонскиот јазик, како и промоцијата на македонскиот јазик на странските универзитети.

 

За таа цел Фондот за македонски јазик ќе ги поддржи отворањето на нови и одржувањето на лекторите по македонски јазик на странските универзитети во ЕУ, особено земјите-основачи на ЕУ, како и во САД, Канада, Австралија и Руската Федерација.

 

Предвидено е Семинарот за македонски јазик, литература и култура да прерасне во Македонистички центар „Македоникум“ преку кој ќе се стипендира поголем број странци што би дошле да ги изучуаат македонскиот јазик, нашата литература и култура.


Во рамките на активностите на Македонистичкиот центар, ќе се формира и Центар за постојана обука за лекторите по македонски јазик во странство, како и Школа за подука по македонски јазик за македонските деца надвор од Република Македонија.


Мерките за унапредување на состојбата со македонскиот јазик предвидуваат и основање на Фонд за поддршка на издавачката дејност на нови и повторно издавање на научните дела посветени на македонскиот јазик од сите области.


Предвидена е и постојана, континуирана дебата за Законот за македонскиот јазик, за да се обезбеди негово уредно спроведување на сите рамништа.


Од мерките треба да произлезе и основање фонд за стипендирање на студирањето на македонски јазик на универзитетите во Република Македонија и ревизија на наставните планови и програми по македонски јазик на сите рамништа на образованието.


Една од предвидените мерки е материјална поддршка за вработување на научен подмладок во универзитетите и институтите што се занимаваат со македонскиот јазик, бидејки бројот на постојано вработените во овие институции постојано се намалува.


Владата на Рeпублика Македонија промовира и спроведува политиката на сеопфатен и стратешки пристап за поддршка на сите институции што се занимаваат со македонскиот јазик.