Министерот во Владата на Република Македонија, Едмонд Адеми, задолжен за дијаспората во официјална посета на Република Хрватска.

Министерот во Владата на Република Македонија, Едмонд Адеми, задолжен за дијаспората на 11-ти и 12-ти септември 2017, е во официјална посета на Република Хрватска.

 

Во текот на посетата Министерот Едмонд Адеми овие два дена ќе има средби со Звонко Милас, државен секретар задолжен за Хрватите надвор од Република Хрватска, со пратеничката Ермина Лекај Прљаскај, со претседателот на Советот на албанското национално малцинство на Град Загреб Шуип Зибери, почесниот конзул на РМ во Задар, и претседателот на УО на ИВЗ во Р. Хрватска, Гзим Реџепи.

 

Во текот на посетата министерот Адеми ќе го посети и градот Бјеловар, кадешто ќе се сретне со градоначалникот на Бјеловар, Дарио Хербак, и ќе се обрати на членовите на Занаетчиската комора на Бјеловарско-билогорската жупанија.

 

Средби се предвидени и со Претседателот на Советот на национални малцинства при Владата на Република Хрватска, Александар Толнауер, со претседателот на Заедницата на Македонците во Република Хрватска Илија Христодулов, претседателот на Советот на Македонското национално малцинство во Град Загреб, Томе Апостоловски, како и со претставникот на МПЦ во Република Хрватска отец Кирко Велински, при што заедно ќе го посетат градилиштето каде се гради македонската црква во Загреб. 

 

Во организација на Амбасадата на Република Македонија во Загреб ќе се одржи прием во палата „Дверце“ во Загреб по повод 8-ми Септември, Денот на независноста на Република Македонија, каде министерот Едмонд Адеми ќе има свое обраќање.