Премиерот Заев во чест на 8 септември: Македонија слободна, слободно живее, со отворени можности и шанси за сите!

 

Добровечер достоинствена Македонијо,


Добровечер почитувани граѓани на слободна, демократска, европска, наша Република Македонија,


Тоа што сме тука е слобода – бидејќи, не дојдовме затоа што мораме, туку затоа што сакаме, нели?
Некој пешки, некој со велосипед, некој со детето за рака, некој со бабата под рака, некој со кучето, некој со автомобил... но секој, секој го направи тоа слободно.


Убаво е слободно да одлучуваме за нашите животи и нашата иднина, нели?!
Многу е убаво!


Избравме слобода. И избравме живот.


Верувавме. Се здруживме. Дејствувавме.


И да, денес, Македонија слободна, слободно живее.


Во предвечерието на дваесет и шестиот по ред 8-ми септември, Денот на независна и суверена Република Македонија, мислите слободно ги испраќаме кон новото утро.


Може да живееме квалитетно, со перспективи, во нашата Македонија!


Ќе се разбудиме со нова надеж затоа што веќе знаеме, oстварлива е вербата.


Ако до една цел, слободата, стигнавме заедно, тогаш заедно можеме и до другите заеднички цели.


Македонија демократска, демократски да се развива.


Македонија европска, европски да напредува.


Македонија наша, заедно да ја изградиме.


И во Република Македонија да живееме финансиски стабилни, безбедни и со нови шанси за нови успеси.


Граѓанска Македонија доби граѓанска Влада којашто ја презеде одговорноста да ги води овие процеси.


Граѓанската Влада што ја предводам се отвори за луѓето и за светот.


- Парите ги насочуваме кон граѓаните низ покачувањето на минималната плата, надоместоците, субвенциите, намалувањата на давачките.


- Економијата ја развиваме низ условите што ги создаваме за развој на домашните претпријатија и нивното поврзување со странски компании.


- Институциите ги фокусираме во служба на граѓаните, низ поедноставни, неселективни процедури, со соодветно работно време, пред коишто нема привилегирани, туку секој е еднаков.


- Енергично ги спроведуваме реформските процеси во државата, коишто веќе ги отворија евро-атлантските перспективи.


- А Македонија активно соработува со соседите, низ пријателства што се претвораат во мостови кон нашата заедничка светла иднина.


Во овие процеси почитувани граѓани, слободата е таа движечка сила којашто води напред.


Таа слобода е широко поле на можности и длабок извор на шанси, што секој може да ги препознае и секој е повикан да дејствува.


Сакам да укажам дека Република Македонија, а со тоа и сите ние како граѓани сме пред момент што не се испушта и за којшто е неопходно да покажеме повторно зрелост. Затоа што таква е демократијата, низ индивидуални тестови го пушта колективниот развој.


Очите на цела меѓународна јавност ги свртевме кон нас со тоа што на мудар и трпелив начин, од земја генератор на криза, Република Македонија ја претворивме во мотор на развој на регионот.


Сега имаме отворен пат за напредок преку подадените раце за членство во Европската унија и во НАТО од земјите пријатели на Македонија.

Постојат реални можности Македонија да добие чиста препорака, а потоа и датум за преговори со Европската унија. Реални се надежите и дека Република Македонија може да биде 30тата Членка на НАТО.


Клучен тест пред нас се локалните избори. За прв пат по 11 години, нова демократска влада ќе организира и спроведе избори.


Но, пред нас се и европските вредности коишто се нашиот патоказ.


Цврсто сме определени да организираме и спроведеме фер, демократски и регуларни избори, со нула толеранција за евентуални злоупотреби.


Друг тест се реформите, на коишто работиме во соработка со граѓанските организации и ЕУ и НАТО, за да овозможиме независно судство, објективни медиуми, незвисни институции во државата.


Тест се и развојот на добрососедските односи и регионаланата соработка, што покажавме дека од слабост сме способни да ги претвориме во предност. Договорот со Бугарија, отворените можности за транспротно поврзување на Самитот во Трст, отворените врати за економска соработка на неформалниот самит во Драч, билатералните договори за развој на економската соработка со повеќе држави од регионот и светот, покажуваат дека таму каде што има политичка волја, се стеснува просторот за отворени прашања.


Преку нашите искрени, инклузивни политики на подадена рака во општеството, испраќаме и порака во нашата држава дека сме подготвени заедно да сработиме и заедно да застанеме зад резултатите.


Прифаќаме сугестии. Прифаќаме различно размислување. Конструктивната критиката е здрава за општеството, води напред.


Ја поттикнуваме, особено од младите. Бидете гласни. Барајте да ве слушаме. Барајте простор. Барајте време. Бидете активни. На Македонија ѝ се потребни младешката енергичност и креативност. На Република Македонија ѝ се потребни младите луѓе кои се движечка сила на секоја држава. Сакаме и наша обврска е, да ги мотивираме младите луѓе, својата иднина да ја гледаат и да градат дома, во родната земја, меѓу семејството и пријателите. Тука, кадешто припаѓаат.


Затоа, слободата, почитувани граѓани, не е само наше право. Таа е и предизвик на совеста и тест на одговорноста за секого.


Доволно е да не ги испуштаме малите нешта што секој од нас може да ги направи, мислејќи можеби колку му се недостижни големите.


Големите успеси се состојат од илјадници мали успеси.


Кога ќе решиме да возиме велосипед, ние не се превезуваме само од едно место до друго. Повеќе велосипеди по патеките, значи и почист воздух и поздрава животна средина за сите.


И затоа, тоа што го правиме, да го правиме совесно и одговорно, со целото свое срце.


Да мислиме колку е нешто поединечно важно, но и колку е важно за сите нас. И колку ќе биде важно за иднината на нашите деца.


Кога излегов од канцеларијата, додека се движев до овде, безброј слики ми се свртеа низ главата од тој 8-ми септември 1991 година, кога гледав како моите родители се подготвуваат да гласаат на референдумот за независна Македонија. Тој референдум што недвосмислено ја одреди иднината на независна Македонија, со 95 процентно „Да“ од излезените граѓани, кои во огромен број, 72 процента од гласачкото тело, се појавија на гласачките места. Тогаш кога застанаа заедно, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и го сочуваа мирот во земјата.


Па потоа, создавање на армија, воведување државна валута, меѓународно признавање на Македонија, решавање воен конфликт, траси кон ЕУ и НАТО, излегувања од политички кризи, градење демократија, па обновување демократија, многу општествени ангажмани на многу граѓани на Македонија.


Сето тоа беа тестови на зрелоста.


Дел од нив положија генерациите пред нас.


Дел од нив положивме ние.


Сите, со многу работа и многу вложен труд, и со искушенија од коишто се учи дека секогаш може подобро.


Ќе ги памети Република Македонија и оние кои ги оставија своите животи за неа, и на нив денеска им се покломуваме.


Нашата сила, почитувани граѓани, се покажа дека е во заедништвото.


По тој пат одеа нашиот прв претседател на државата Киро Глигоров и првиот премиер Никола Кљусев.


Република Македонија има повторно одговорни политичари кои знаат што им е потребно на своите граѓани. И има свесни граѓани кои знаат што и е потребно на државата.


Да продолжиме заедно да ја градиме Република Македонија во едно општетство за сите, низ меѓусебна почит и разбирање, затоа што само заедничката среќа е среќа.


Како Влада, се грижиме и ќе се грижиме за среќата на секој граѓанин.


Но како премиер кој ја доби честа од вас да води, ве повикувам, да чекориме заедно. Тогаш кога сме потполно слободни, ние сме пред најголемата одговорност што ќе избереме.


Повикувам на одговорност од секој и на силна поддршка да ги продолжиме демократските процеси во интерес на евро-атлантската иднина на Република Македонија.


Секоја генерација има свој предизвик.


Ова е нашиот.


Со вербата што ја имаме, со упорноста, со храброста, со желбата, со ентузијазмот, ќе ја оствариме оваа стратешка цел.


Република Македонија ја создава својата иднина и затоа не се плаши повеќе од неа.


Македонија слободна, слободно живее.


Нека ни е честит 8-ми септември, Денот на независна Република Македонија! Да живее суверена и самостојна Република Македонија!