Интервју со министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски за МИА

При вашето стапување на функција најавивте борба со сивата економија, односно таканаречените вработувања на црно и заштита на човековите права. Каква е сега состојбата во оваа сфера, колку вработени „на црно“ имаат откриено инспекциките служби?

Брбата со сивата економија е тешка борба и таа, сивата економија и кога би имале најидеални услови веројатно би постоела, како што посоти секаде во светот, но нашата борба е сивата економија да ја намалиме и сведеме на минимум. Инаку, Државниот инспекторат за труд при вршењето на инспекциските надзори во 2011 година, заклучно со месец ноември, на работа затекна 837 лица  коишто немаат засновано работен однос на начин и постапка утврдено со Закон и колективен договор, со што на овие работници им се скратени и другите права што произлегуваат од работниот однос. Радува податокот дека годинава имаме намален број на затекнати лица без договор за вработување и една од главните причини за ова е зголемениот број на надзори на инспекторатот, но и измените на Законот за работните односи со коишто се зголемија глобите за ангажирање на лица без договори за вработување.

Опозицијата често ја обвинува Владата дека најавената борба со невработеноста ја спроведува со нивно бришење од евиденцијата на Агенцијата за вработување. Дали навистина се бришат лица од листата и доколку е тоа така на што се должи тоа? Колкав е процентот на невработеност во земјава сега?

Прашањата во врска со евиденцијата на невработените лица е уредено со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност. Со овој Закон поконкретно се утврдени условите и начинот на воведување во евиденцијата, правата и обврските на Агенцијата за вработување и на невработените лица, како и условите и начинот за бришење од евиденцијата под условите утврдени со Законот. Тоа е дел од законската регулатива која се остварува и применува за целото време од донесувањето и функционирањето на Законот и ова се само еден дел од прашањата уредени со него бидејќи со истиот се уредени и другите прашања коишто се однесуваат на активните мерки за вработување кои се во функција и во насока на вработувањето.

Цел и приоритет на Законот се ваквите мерки, а не бришењето од евиденцијата на невработени лица. Бришењето се применувало и ќе се применува во случаите кога не се почитуваат обврските и роковите утврдени во Законот, а се во врска со пријавувањето, упатувањето заради вработување или со одбивање во вклучување во одделни програми и мерки за вработување. Според најновите податоци од Агенцијата за вработувањето во евиденцијата на невработени лица се евидентирани околу 280.000 лица.

Ја утврдивте висината на минималната плата, нешто што не беше направено изминатите 20 години. Сепак законското решение предвидува износот на минимална плата да се усогласува во наредните три години за три дејности, во кои често платата е многу ниска. Зошто се одлучивте на вакво решение?

Во рамките на социјалниот дијалог помеѓу социјалните партнери и врз основа на претходно направените согледувања, беше утврден со Закон износот на минималната плата којшто ќе започне да се исплатува од јануари 2012 година.  Со Законот за минимална плата е утврден процентуалниот износ на учеството на минималната плата во просечната бруто плата во РМ, односно минималната плата изнесува 39,6 % од просечната бруто плата во Републиката за минатата година.

Согласно со состојбите со висината на платите во трудоинтензивните гранки во државата кои се на значително пониско ниво од платите во другите гранки, а со цел да се овозможи исплата на минимална плата и во овие гранки, но и за да не дојде до нарушување на тековното работење и намалување на бројот на вработените во истите, социјалните партнери врз основа на направените согледувања се договорија за постапно усогласување на минималната плата во овие гранки со утврдената минималната плата согласно со Законот.


Колку сте задоволни со функционирањето на вториот пезниски столб, на пензиските друштва? Дали финансиската состојба на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е стабилна, како функционира наплатата на придонесите?

Пензиското штедење е штедење на долг рок (20 до 40 години) и перформансите и успехот на пензиските фондови треба да се ценат на најмалку 10 години. Резултатите во овие 6 години постоење покажуваат успех и раст на фондовите и во број на членови и кај средствата со кои управуваат. Задолжителните фондови имаат околу 300.000 илјади членови и средства во висина од околу 15 милијарди денари (над 240 милиони евра) што претставува околу 3,35% од БДП. Имаше и циклични периоди на пад, како резултат на светската економска криза, но и периоди на раст. Севкупно гледано има раст на средствата. Секако дека има простор и за унапредување на  работата на пензиските друштва, значи давање на поголем акцент на инвестициските стратегии, проценките и длабинските инвестициски анализи од тимовите за инвестирање на пензиските друштва, со цел континуиран раст на средствата на сметката на секој член. Приносите се менлива категорија. Најновите податоци покажуваат просечен годишен принос од околу 7%. Најважно е да се ценат приносите на долг рок, особено кај нас кадешто се уште имаме младо членство кое има голем број години до пензија. Од почетокот на основање на пензиските фондови досега вредноста на нивните сметководствените  единици порасна од вредност 100 на вредност околу 130, со остварен годишен принос од околу 4,5%. Приносите и надоместоците се основните мерливи параметри за работењето, но не може да се направи едноставно одземање на приносот и надоместокот од придонеси. Надоместокот од придонеси се наплатува еднаш, а потоа тој придонес се инвестира во преостанатите 30-40 години. Приносот на фондот зависи и од каматите од инвестирањето и од надоместоците од управување со средствата. Во таа насока ќе продолжиме да работиме на намалување на трошоците на системот.

Еден од приоритетите на Владата на Република Македонија и на Министерството за труд и социјална политика е обезбедување на достоинствен живот на старите лица и пензионерите. Во таа насока, од  2008 година до сега пензиите се зголемија за 33,5%, а најниската пензија за 40 %. Исплатата на пензиите, пак, се врши во првата седмица од месецот.

Економската криза има влијание и врз социјалното осигурување, особено врз пензиите и нивната исплата. Некои држави преземаа рестриктивни мерки во пензиското осигурување што резултираа  со намалување на правата или „замрзнување“ на висината на пензијата за неколку години. Во Република Македонија пензиите се исплатуваат редовно и се врши законското усогласување според порастот на платите и трошоците за живот два пати годишно. Во програмата за работа на Владата на Република Македонија дефинирано е зголемување на пезниите за периодот 2012-2015 година.
Наплатата на социјалните придонеси, односно придонесот за пензиско и инвалидско осигурување се врши согласно предвидените проекции со Буџетот за 2011 година.

Како Министерство побаравте сите корисници на парична социјална помош да ја обноват својата документација во центрите за социјална помош, заради констатирани злоупотреби на ова право. Со оглед на тоа што рокот, и продолжувањето од девет дена што потоа го дадовте измина, дали пререгистрацијата е завршена и има ли податоци колку лица се корисници на ваква помош?

Согласно со Законот за социјална заштита еднаш годишно корисниците на правото на социјална парична помош се должни да ја обноват потребната документација, со цел да се проверат евентуално настанатите промени во материјалната и семејната сосотојба на секое одделно домаќинство, а кои би биле од влијание за остварување на правото. На пример: промена на брачната состојба на корисникот или член на домаќинството; влез на пазарот на трудот односно вработување; иселување на корисникот или членот од домаќинството во друга општина или држава и слично. Годинава за десетина дена беше пролонгиран рокот за редовната годишна обврска на корисниците на правото на социјална парична помош со цел тие лично да ја достават докуменатцијата за да можат да се внесат во новата софтверска апликација преку која од наредната година ќе се остваруваат правата на социјална заштита и со оваа софтверска апликација најреално ќе се добие бројот на лицата кои што користат социјална парична помош,


Неодамна најавивте воведување дата база за лица во социјален ризик, која е во електронска форма. До каде е внесувањето на податоците и кои се поволностите што треба да ги донесе нејзината примена?

Лирикус.......лица во ризик корисници на социјални услуги.....Министерството за труд и социјална политика во областа на социјалната заштита започна со системски реформи коишто опфаќаат повеќе сегменти. Едниот сегмент е во делот на правата на лицата корисници на социјалните услуги, вториот е софтвер за евиденција на услугите и третиот сегмент лиценцирање на стручните работници. Сите овие сегменти се поврзани и значајни затоа што водат кон подобрување на правата и услугите на лицата корисници на овие права. Стручниот тим на Заводот за социјални дејности веќе изврши обука на сите стручни работници вработени во Центрите за социјална работа за начинот на внесување на податоците и досега во базата се внесени 28 000 корисници на услуги од областа на социјалната заштита. Електронската база која што ја насловивме Лирикус (лица во ризик, корисници на социјални услуги) значи воведување на изедначена електронска евиденција на корисниците на социјалните услуги, евидентирани во сите центри за социјална работа во Република Македонија. Со неа се воспоставија 30 локални и една национална база за корисниците на социјалните услуги на ниво на Република Македонија. Базата овозможува во секое време да се добие извештај (дневен, неделен, месечен, тромесечен, шестмесечен, годишен и извештај по потреба) за бројот на евидентирани лица во дефинирани социјални ризици. Исто така се овозможува следење на појавите во системот на социјалната заштита на регионално и национално ниво, како и редовен проток на информации за корисниците на услугите во системот на социјалната заштита. Базата нуди можности за квантитавна и квалитативна анализа на податоците, за планирање и креирање на политики од областа на социјалната заштита. Начинот на спроведување и реализиација на Дата базата на ресурсниот центар за лица во социјален ризик во Република Македонија-Лирикус, е прогласена за најдобра пракса од страна на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Њујорк, и предложена како најдобар позитивен пример во сите Канцеларии на УНИЦЕФ во светот. Затоа токму на нашите поддржувачи во овој проект УНИЦЕФ сакам да им се заблагодарам за помошта што ни ја дадоа во реализацијата на овој значаен проект.


Ја расформиравте комисијата која одлучуваше за посвојување на деца, и формиравте нова поради констатирани неправилности. Најавивте дека социјала инспекција ќе врши контрола. Дали таа е завршена и има ли најави за нечија конкретна одговорност?

Во моментов, сеуште трае конторлата во Центрите за социјална раобта и онаму каде што ќе се утврдат неправилности во постапката за посвојување, одговорните лица ќе бидат соодветно санкционирани. Досега се казнети 16 стручни работници. Истите се распоредени на други работни места. Новата комисија е составена од високо квалитенти стручни кадри од министерството и верувам дека во насјкоро време сите деца кои чекаат на листата за посвојување ќе добијат семејство и топол дом.

Здравствениот извештај заврши, педијатрите направија преглед на децата, има нови состојби, нови идеи што треба да се направи.Наскоро треба да заврши контролата по центрите за социјални работи за да можат да се споредат здравствениот и извештајот од контролата по центрите за социјални работи. Потоа треба да се направи корекција на системот во насока на пофлексибилна категоризација на децата. Тоа значи дека нема да има ригидна категоризација како до сега - здраво дете, дете во ризик и дете со попреченост, туку ќе има деца со добар психомоторен развој кои имаат од прилика од 80 до 100 проценти добар психомоторен развој. Досега на пример дете со 80 проценти категоризираше како дете во ризик. Практично ќе има четири категоризации или можеби и пет по нова методологија која ќе се направи врз основа на предлози на здравствените работници. Таа категоризација ќе биде ќе биде корегирана во самиот софтвер, така што, кога ќе се внесуваат податоците за децата ќе бидат внесувани на начин што ќе се направи пофлексибилен внес. На пример ако некое дете до сега било категоризирано како дете во ризик, софтверот не го вадел кога се барало здраво дете, бидејќи било на пример со 90 проценти добар психомоторен развој. Според педијатрите тоа е здраво дете и сега тие ќе излегуваат на листата кога ќе се бара здраво дете. Заради тоа ќе има дополнителни измени на законот и корекција, а можеби и нов правилник.

Во досегашниот систем има сериозни пропусти. Јас не би ги подгревал шпекулациите за намерно или криминално однесување на одредени лица вклучени во процесот се додека нема за тоа официјални докази. Де факто има еден куп дупки во системот кои ги дијагностициравме во целиот овој период на анализа. Тие мора да бидат корегирани, затоа што било каков систен, колку и да има добри решенија, ако има недоречености или дупки, ќе се создаваат проблеми.

Исто така, ќе има зголемена контрола на централната комисија која ќе прави увид за секоја состојба. За секоја пријава за детето ќе се формира нова комисија. Покрај оваа за посвојување ќе има комисија за педијатри која пред секое посвојување ќе прави целокупна здравствена анамнеза и ќе разговараат со потенцијалните посвоители како здравствени работници за да ги изрелаксираат во поглед на здравствената состојба на детето.   

Министерството започна акција за тргање на децата од улица. Имаше информации за поднесени кривични и прекршочни пријави, но и оти во голем дел од случаите имало и органиран криминал во кој се злоупотребувала детската сила. Дали информациите се потврдени или истрагата се уште е во тек. Колку деца досега се тргнати од улицата и во кои градови е забележано поголемо присуство на вакви деца?

Акцијата на Министерството за труд  и социјална политика во соработка со МВР е сеуште во тек во градовите  Скопје, Куманово, Битола, Прилеп и Охрид кадешто има евидентирано најголем број на деца на улица. Се до овој момент  затекнати се  околу  75 деца на улица. Мерката на привремено згрижување во установа е спроведена за 38 деца. Досега МВР интезивно работи на детектирање на вакви или слични случаеви. Во моментот за злоупотреба на детски труд се поднесени околу 40 кривични пријави и 20 прекршочни пријави до Основното Јавно Обвинителство.

Во тек е реализација на заеднички проект со МВР за евидентирање на лицата кои не се запишани во матичната евиденција. Колку вакви лица досега регистрирале мобилните тимови, и дали регистрирале лица кои ги има во оваа евиденција, но имаат проблем со вадење лични документи?

Непоседувањето на документи за лична идентификација преставува магичен круг на исклученост и неможност за остварување на своите права согласно со важечките закони.

Се проценува дека низ целиот свет 12 милиони индивидуи немаат националност или државјанство и се исклучени од речиси сите бенефити кои ги носи националноста сама по себе. Тие живеат без заштита од државата.

На овие простори, пак, проблемот е настанат како резултат на сукцесијата  на државите и усвојувањето на законодавството за државјанство. Особено засегнати со проблемите за обезбедување на документи за лична идентификација се лицата коишто се постојани жители на државата и  припадници  на  етничките малцинства.

Едни од нив се припадниците на Ромската етничка заедница коишто се соочуваат со тешкотии при добивањето на лични документи или со недостиг на истите. Во Република Македонија и во регионот не постојат прецизни податоци за точната бројка на лицата со ваков проблем, а како причина се наведува неинформираноста од една страна, како и финансиската состојба на оваа етничка заедница од друга страна.

Владата на РМ формираше меѓуресорска работна група составена од  претставници на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Кабинетот на министерот без ресор, Управата за матична евиденција, УНХЦР, УНИЦЕФ, Информативниот центар за граѓанско општество,  Ромски невладини организации и експерти која што подготви препораки за надминување на  овој проблем кои  треба да се имплементираат до крајот на 2012 година.

Во исто време,  Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи  во соработка со Управата за водење на  книгите на матична евиденција, Ромските невладини организации и Ромски информативни центри, започнаа со формирање на мобилни локални тимови кои директно во ромските заедници  ги решаваат случаите на неевидентирани лица во матичните книги  на родените. Оваа акција е во тек во Скопје, Тетово, Гостивар, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Кочани, Струмица со тенденција да биде проширена на територија на цела Македонија. До сега се откриени 229  неевидентирани лица во матичната книга на родените.

Во  март 2012 година во рамките на Македонското претседателствување со Декадата (којашто Македонија го презема во јуни годинава), Министерството за труд и социјална политика во соработка со УНХЦР и ОБСЕ ќе организира Регионална Конференција за размена на најдобрите практики во надминувањето на овој проблем.  

Прекинувањето на циклусот на исклученост од регистрирањето е комплексен и тежок процес кој бара ангажирање, согласност и поддршка од централните и локалните институции.  Истовремено со вклучувањето на меѓународниот фактор, особено на УНХЦР, а во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда обезбедивме правна помош на повеќе од 4300 лица и извршивме мапирање на обемот на проблемите со недостаток на лична документација кај маргинализираните групи во државата и подготвени се  клучни препораки за подобро третирање на овој проблем во иднина. 

До каде е имплемантацијата на активностите од Декадата на Ромите?

Во согласност со национални акциони и оперативни планови од Декадата и Стратегијата за Роми, во текот на оваа година, продолжи имплементацијата на различните програми и активности за подобрување на социјалната инклузија на Ромите.  Во овој дел реализирани се повеќе проекти и активности, меѓу кои програмата за вклучување на Ромските деца во предучилишно образование (детските градинки), програма која во континуитет се реализира од 2006 година и која, во текот на учебната 2011/2012 година, со активно учество и на локалната самоуправа се реализираше во градинките од 18 општини во државата, при што во оваа учебна година беа опфатени 425 деца-Роми на возраст од 4.5 до 5.5 години, а вкупно од почетокот на прокетот до сега с еопфатени околу 1000 деца,  од коишто потоа над 85 отсто  се вклучени во образовниот систем и програма за стипендирање и менторирање на ученици-Роми во средно образование за учебната 2010/2011 година, со цел зголемување на бројот на Роми со завршено средно образование, подобрување на успехот и стапката на задржување во училиштата. Во рамките на оваа програма доделени се 650 стипендии на средношколци-Роми. Исто така се имплементираат активни мерки за вработување во кои Ромите се вклучени како целна група, со цел подобрување на состојбата со невработеноста, активности за подобрување на пристапот кон здравствени услуги и подобрување на опфатот на ромското население во системот на здравствена заштита. Од јануари 2011 година започна и имплементацијата на Проектот за „Поддршка на имплементацијата на Стратегијата за Роми“ кој е финансиран во рамките на IPA Компонентата 1 (TAIB). Во рамките на овој проект се обезбедува експертска помош и поддршка за јакнење на капацитетите, а од мај годинава во соработка со ОБСЕ започна имплементација на заеднички проект за отварање на мобилни канцеларии за давање на бесплатна правна помош на ромското население. Досега се отворени 2 (во Шуто Оризари и во Штип).

Извор: МИА

Новинар: Славица Стефановска