Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, го прими на средба новиот амбасадор на Кралството Шпанија во Македонија, Неговата Екселенција Емилио Лоренцо Сера.
Премиерот Заев му посака топло добредојде на амбасадорот Сера, како дипломатски претставник на Кралството Шпанија, земја со која Република Македонија има традиционално добри и пријателски односи.
Република Македонија со внимание ги следи актуелните настани во Шпанија, и е уверена дека за отворените прашања во шпанското општество ќе најде решение согласно Уставот на државата.
Премиерот Заев и амбасадорот Сера во текот на средбата разговараа и за актуелните прашања за Република Македонија порзани со евро-атлантските интеграции на нашата земја. Претседателот на Владата на Република Македонија нагласи дека 2018 година ќе биде година од исклучителна важност за земјата бидејќи очекува дека ќе бидат значително поместени и ќе добијат нова реалност овие процеси кои повеќе години беа запрени и ставени во втор план.
Во таа насока, премиерот Заев истакна дека очекува дека Кралството Шпанија, како докажан поддржувач на Република Македонија, ќе продолжи да нè поддржува во нашите напори за членство во НАТО и во Европската Унија.
Амбасадорот Сера, во име на владата на Кралството Шпанија истакна неговата земја и понатаму останува силен поддржувач на политиките на Република Македонија во однос на членството во НАТО и ЕУ, и порача дека резултатите ќе се видат.
Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев го информираше амбасадорот Сера и за текот на актуелните локални избори и истакна дека веднаш после изборите, на кои граѓаните со своите гласови изразија целосна поддршка на политиките на владата, претстои период во кој владините министри ќе ги забрзаат процесите за економски раст на земјата.
Во таа насока, премиерот Заев изрази подготвеност за интензивирање на врските со бизнис елитата на Шпанија за да се зајакне економската соработка меѓу двете земји.
Абасадорот Сера нагласи дека за него тоа е еден од приоритетите во неговата дипломатска мисија и дека се надева дека ќе зајакнат можностите за соработка меѓу Шпанија и Македонија. Исто има простор за интензивирање на билатералната соработка на највисоко ниво.
Премиерот Заев, посакувајќи му уште еднаш на амбасадорот Сера добредојде во Република Македонија, му порача дека вратите на владата се секогаш отворени за него и за гостите од Кралството Шпанија, како и за добрите идеи за соработка што можат да дојдат од овие средби.